Насилството врз жените е кршење на човековите права и за него нема место во Европската унија или на кое било друго место во светот, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, во пресрет на Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, кој се одбележува на 25 ноември.
– Обемот на проблемот останува алармантен: секоја трета жена во ЕУ доживеала физичко и/или сексуално насилство, предупреди Борел.
Светската здравствена организација проценува дека тоа е случај на други места во светот. Насилството генерално не се пријавува и многу насилници остануваат неказнети.
– Насилството врз жените и девојчињата е кршење на човековите права и за него нема место во Европската унија или на кое било друго место во светот, рече Борел. – Насилството врз жените постои во секоја земја, култура и заедница. Пандемијата на Ковид-19 уште еднаш покажа дека за некои жени, дури ни нивниот дом не е безбедно место, појасни Борел.
– Промена е можна, но бара дејствување, посветеност и одлучност. ЕУ е решена да продолжи неуморно да работи со своите партнери за истражување и казнување на насилството, давање поддршка на жртвите и, во исто време, решавање на причините и зајакнување на правната рамка , рече Борел.
Тој потсети дека ЕУ веќе се бори против насилството врз жените во 26 земји преку својата иницијатива „Spotlight”, што ја покрена во 2017 година во соработка со ООН, донирајќи 500 милиони евра.
Тој најави дека Европската комисија оваа недела ќе претстави нов акционен план за родова еднаквост. Исто така, ги повика земјите-членки да ја ратификуваат Истанбулската конвенција, првиот правно обврзувачки инструмент на меѓународно ниво за борба против насилството врз жените и семејното насилство.
– Нашата цел е многу јасна: да се стави крај на сите форми на насилство врз жени и девојчиња. Тоа им го должиме на сите жртви, заклучи шефот на европската дипломатија.