Сер Пол Макартни се осврна на тоа како датумот на роденденот на Џон Ленон, покојниот колега од легендарниот бенд, го натерал да размислува за најубавите спомени со него.
Ленон, починатата икона на „Битлси“, ќе го славеше 80. роденден на 9 октомври, поттикнувајќи низа познати лица да му оддадат почит минатиот месец.
Дискутирајќи за прослави во новото интервју за „Анкат“, Макартни објасни како овој датум кај него предизвикал мешавина од емоции.
„Ова е среќно и тажно. Тажно бидејќи ме потсетува дека е убиен – но исто така ме потсетува на фантастичните времиња што ги поминавме. Ме радува што го споделив сето тоа со него,“ рече тој.
„Сакам да се навраќам на раните времиња. Се сеќавам, еднаш се обидовме со автостоп да одиме во Шпанија, но стигнавме само до Париз. Многу ни се допадна, останавме таму, само ние двајца. Бевме во еден мал хотел во Париз – ефтин и со многу болви. Мајка ми беше медицинска сестра и сите ние обраќавме многу внимание на хигиената, и да завршиш во таков хотел – каков пекол! Тие работи ве зближуваат.“
Во истото интервју, тој се осврна на тоа како сè уште во мислите го консултира Ленон додека пишува нови песни.