Расправата за Предлог-буџетот за 2021 година на првиот ден од разгледувањето во собраниската Комисија за финансирање и буџет помина со забелешки од страна на опозицијата дека се работи за неразвоен Буџет без визија и укажувања од страна на парламентарното мнозинство дека е насочен кон поддршка на здравството, економијата и граѓаните.
За опозицијата, предложениот буџет за следната година е нереален и строго партиски и со него нема да се поддржат реалниот сектор и граѓаните, додека за пратенците од власта буџетот е континуитет на одговорните и домаќински политики на Владата предводена од СДСМ. Со Буџетот, како што посочија пратениците од власт, се обезбедува одржливост, но и можности за побрзо надминување на негативните последици од корона кризата.
Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека планираниот Буџет за 2021 година дополнително ќе ја зголеми сиромаштијата во државата, бидејќи како што рече, е неодржлив, креиран без концепт и е поставен на постулати кои не се одржливи.
– ВМРО – ДПМНЕ како во ребалансот, така и сега, ќе учествува во оваа расправа за буџетот со цел и желба да помогне. Поднесовме 390 амандмани, а заедно со другите опозициски парламентарни партии имаме над 450. Во тие амандмани се водевме по три приоритети – заштита на здравјето на граѓаните, вистинско стиумулирање на економијата преку капитални инвестиции и заштита на населението преку спречување на аерозагадувањето и загадувањето на животната средина, истакна Стојановски.
Додаде дека е поприоритетно да се набават 50 амбулатни возила место да се трошат пари за набавка на возила за претседатлот на државата и да се направат ПЦР тестови бесплатни наместо да се наменат пари за вработување во министерствата.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во репликата на Стојановски не се согласи со констатацијата дека буџетот е без визија и концепт.
– Ова е првпат во Собранието покрај буџетот да има и среднорочна петгодишна рамка со проекции и тоа во време кога најтешко е да се проектираат работите. Сакаме со овој буџет да поддржиме политики кои ќе генерираат двојно повисок раст. Ако во изминатите 10 години растот во просек е два-два и пол отсто, сакаме да постигнеме раст 4 до 5 отсто. Сметаме дека нашиот модел на економија може да генерира ваков раст, истакна Бесими.
Од Алијанса на Албанците сметаат дека буџетот може да е тешко остварлив бидејќи и голем дел од антикризните мерки не се адекватни. Според Аднан Незири, треба да се направи намалување на непродуктивните расходи, а во проектираниот буџет има и расходи за договорни услуги за кои нема никакво објаснување.
Диме Велковски од СДСМ посочи дека со Предлог-буџетот ќе продолжат инвестициите во економијата и борбата за спас за работните места, а ќе се вложуваат средства и во здравството, образованието, социјалната заштита и рамномерниот регионален развој.
Расправата во Комисијата, согласно Деловникот треба да заврши за 10 работни дена.