Со изведување на материјални докази – анализа на телефонска комуникација денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за незаконското финансирање на невладината организација „Меѓународен сојуз”, каде заедно со основачот Бојан Јовановски, обвинети се уште четири лица.
Обвинителката, посочи дека анализата е правена врз основа на телефонска комуникација обезбедена со предистражни мерки во периодот од 2018 до 2019 на пет таргет, кои се обвинети во случајот.
Првообвинетиот Бојан Јовановски, на почетокот, повторно побара изземање на судијката Софче Гаврилова Ефремовска и целиот судечки совет, поради како што рече пристрасност и сомневање дека е политички мотивиран.
-Новата околност укажува дека судијката на минатото рочиште, без никакава моја навреда на записник нотираше дека сум ја навредил. Околноста за правото на непристрасно судење може да се види од односот на судијката. Друга околност е што судијките Софче Гаврилова Ефремовска и Васка Николовска кривично ги гонам за обид за убиство и тортура, изјави Јовановски.
Судијката по однос на денеска изнесеното барање, со оглед дека во голем дел се повторуваше со претходното барање и се однесува на истите причини, рече дека денешното рочиште ќе биде продолжено, и по завршување барањето ќе биде проследено до претседателот на Судот.
За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.