Од кабинетот на претседателот Пендаровски соопштиле дека тој нема да ги коментира ставовите на Заев изнесени во интервјуто за бугарската новинска агенција, „БГНЕС“, во кое тој изјави дека претседателот не е толку искусен политичар.
„Претседателот Стево Пендаровски нема да ги коментира ставовите изнесени во интервјуто на премиерот Зоран Заев “, соопштиле кусо од Кабинетот на претседателот за Гласот на Америка.
Во интервјуто за „БГНЕС“, премиерот Заев изјави дека Бугарија не била фашистичка држава.
„„Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да ја градиме иднината. Треба да создадеме позитивна атмосфера за младите да го користат ова минато како „отскочна штица“ за подобра иднина во наредниот период. Бугарија не е фашистичка земја, Бугарија е наш пријател. Новите генерации не ја знаат целата оваа реалност и таа мора да нѐ обедини. И во Северна Македонија и во Бугарија, ова влијае на луѓето на многу погрешен начин. Ако некој си дозволи да ја оцрни Бугарија со ПР-публикации ширум светот, ќе сноси одговорност. Тоа нема да го дозволам. Државата не учествува во тоа“, изјавил Заев, дополнувајќи:
„Верувајте ми, претседателот Пендаровски е пријател на Бугарија. Тој не е толку искусен политичар како Зоран Заев, бидејќи пред тоа работеше за Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, тој беше национален координатор за НАТО во мојата влада. Тој е сериозна јавна личност и е целосно посветен на пријателството со нашите соседи и Република Бугарија, и секако, на интеграцијата во НАТО и ЕУ“, рече Заев.
Членови на македонскиот дел од мешовитата македонско-бугарска историска комисија се оградија од она што го кажа премиерот. Првa реагираше Љубица Спасковска која на својот Фејсбук профил апелираше политичарите да не коментираат теми коишто не ги разбираат.