Армијата од денеска се очекува да се вклучи во обезбедување на здравствените институции. Ќе се обезбедуваат клиниките во Скопје, поголемите болници во главниот град, како и болниците во Тетово, Битола, Гостивар, Дебар, Куманово, Штип, Велес и други.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по вчерашната средба со британската амбасадорка Рејчел Галовеј, изјави дека Владата го испратила барање до претседателот на државата и врховен командант на воените сили и очекува тој да го одобри.
Шеќеринска појасни дека ваквата заштита ќе функционира исклучиво на барање на здравствените установи.
– Подготвен е список од Министерството за здравство и по иницијатива на секоја од институциите ќе почнеме со распоредување на силите. Ќе бидат опфатени најголемиот дел од клиниките во Скопје и најголемите болници, како „8 Септември” и другите во градов, и во поголемите центри, како Тетово, Битола, Гостивар, Дебар, Куманово, Штип, Велес. Сите што покажале потреба ќе добијат поддршка, истакна Шекеринска.
Таа појасни дека целта на ангажирањето на армијата е да се овозможи секоја болница, секоја клиника во Скопје да може да смета дека докторите, медицинските сестри и пациентите се заштитени и дека тоа е работа на полициајта и армијата сега.
Претседателот на државата и врховен командат на воените сили Стево Пендаровски, вклучувањето на армијата во обезбедување на здравствените установи го најави по прогласувањето на кризната состојба на целата територија во траење од 30 дена.
– Сметам дека ваквата помош и поддршка е повеќе од потребна за здравствените власти и за полицијата, коишто веќе деветти месец деноноќно се борат се пандемијата и се крајно исцрпени, напиша на „Фејсбук” Пендаровски во саботата, дента кога се прогласи кризна состојба.
Во Прилеп, пак, градоначалникот Илија Јовановски, поради влошената состојба со Ковид-19, бара да се воведе карантин. Неговото барање ќе биде разгледано утре од Комисијата за заразни болести, која ќе треба да одлучи дали ќе го одобри.
Портпаролот на Владата, Душко Арсовски вчера рече дека ситуацијата во Прилеп е алармантна и в петок Комисијата за заразни болести ќе го разгледува тоа како проблем.
Според последните податоци од Министерството за здравство, во Прилеп има 1021 активни случаи. Прилеп е втор град по најмногу активни случаи, веднаш зад Скопје, кое има 10130.
Од 1288 новозаразени регистрирани во претходното деноноќие, од Прилеп се 78, а од Скопје – 570. Во Тетово се активни 965, Куманово-939, Гостивар-862, Битола-808, Велес-711. Во другите градови се под 600 заразени.
Вчерашниот ден беа забележани и голем број починати, вкупно 39. Од починатите дури 16 се од Скопје (79г., 80 г., 54 г., 70 г., 68 г., 54 г., 68 г., 82 г., 84 г., 68 г., 76 г., 75 г., 71 г., 60 г., 73 г., 56 г.), двајца од Куманово (70г. и 62 г.), еден пациент од Дебар (87г.), еден од Штип (71г.), тројца од Прилеп (86г., 76 г., 68 г.), четири пациенти од Тетово (53г., 72 г., 67 г., 66 г.), двајца од Струга (68г., 69 г), двајца од Велес (67г., 78 г.), двајца од Охрид (68г., 73 г.), еден пациент од Струмица (72г.), еден од Демир Хисар (65г.), еден од Берово (79г.), двајца од Кичево (60г., 41 г.) и еден пациент од Неготино (40г.).
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 57451, бројката на оздравени пациенти е 34970, на починати е 1600, а бројот на активни случаи изнесува 20881.
Во Скопје најмногу заразени има во Гази Баба – 1490, Аеродром-1474, Карпош – 1186, Центар – 1173, Кисела Вода – 1245, Ѓорче Петров – 874, Чаир – 639, Бутел – 584. Во другите општини има помалку од 300.
За големиот број починати, особено за млади лица, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведува вонредни инспекциски надзори. Во тек се девет такви надзори.
Директорката на ДСЗИ Иринка Сотирова Бухова вчера посочи дека од почетокот на пандемијата, па до сега ДСЗИ иницираше и заврши 21 вонреден инспекциски надзор. За истите тие имаат поднесено иницирање на вонредни стручни надзори, кои не ги работи ДСЗИ, ги работи Министерството за здравство или лекарската комора.
Таа рече дека во последните денови или недели немаат добиено претставки од граѓаните по основ на несоодветно лекување од страна на докторите.
– Вонредни инспекциски андзори ги правиме по допрен глас, по иницијатива на ДСЗИ, по иницитјаитва на Министерството за здравство, рече вчера Бухова.
Таа информира дека надзорот во клиничката болница во Битола по однос на актуелните случувања, е сè уште во тек.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 68 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19.
Во земјава вкупно хоспитализирани се 1297 пациенти. Во претходното деноноќие во ковид – центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 812 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, а во главниот град 486 лица. Од хоспитализираните голем дел се на кислородна поддршка. Најмногу пациенти во Скопје се лекуваат во ГОБ „8 Септември“-108 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 159 пациенти.
Во скопските инфективни оддели вчера утрото имаше 20-тина слободни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка, стои во соопштението.
И покрај големиот број заразени и починати, министерката за образование и наука Мила Царовска вели дека тоа не се одразува во училиштата, каде, како што рече, нема ширење на вирусот и затоа таа смета дека предлогот на опозицијата за предвремен распуст е неаргументиран.
Првото полугодие на учебната 2020/2021 ќе заврши на крајот на годинава, а второто ќе почне на 21 јануари 2021, рече Царовска, која информира дека бројот на заразени ученици и наставници во наставата со физичко присуство во целата држава е помал од 1 процент.
Коронакризата, покрај другите негативности, донесе и зголемен бројот на случаи на семејно насилство, според резултатите од Клиниката за психијатрија.
– Очигледно е дека стресот го прави своето, дека ова што треба да сме на некој начин на физичка дистанца, што е сосем спротивно на тоа што е еволуцијата на човештвото нè учи, а тоа е заедништвото, и изолацијата за време на долгите карантин, според резултатите од Клиниката за психијатрија, резултираа со зголемен број случаи на семејно насилство, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче, по повод 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените.
Колегите се силно посветени на ова прашање, ги решаваат проблемите и ги зголемуваат тимовите кои излегуваат во пресрет на жртвите на насилство, потенцираше Филипче и додаде дека некаде околу 30 отсто е зголемувањето во однос на истиот период во 2019 година.