Армијата на Етиопија доби наредба да почне „финална” офанзива во конфликтот на земјата со регионот Тиграј, соопшти денеска етиопскиот премиер Абиј Ахмед.
Објавата доаѓа непосредно по истекот на рокот од 72 часа, кој Владата му го даде на фронтот за народно ослободување на Тигреј (ТПЛФ) да се предаде и да стави крај на бунтот.
– Илјадници припадници на милицијата на Тиграј и на специјалните сили се предадоа за време на ултиматумот од 72 часа кој го дадовме, рече Абиј во објава на Фејсбук, посочувајќи дека офанзивата ќе се фокусира на оние кои не го сториле тоа.
„Ги повикуваме жителите на Мекеле да го положат оружјето, да останат внатре и да не се доближуваат до воените цели, додаде Абиј, мислејќи на главниот град на Тиграј.
Тој го увери населението дека „максимално ќе се внимава” за да се заштитат цивилите, како и верските институции, местата кои се културно наследство и клучната инфраструктура.
Абиј вчера и порача на меѓународната заедница да не се меша во конфликтот.
Нобеловецот Абиј, кој минатата година ја доби Нобеловата награда за постигнување мир со соседна Еритреја, е под голем притисок од почетокот на овој месец, кога распореди војници за да го задуши бунтот на ТПЛФ.
ТПЛФ долго време доминираше во политиката во Етиопија, но откако ја презеде функцијата во 2018 година, реформаторот Абиј се соочи со елитите во Тиграј и ги отстрани од владините и државните институции.
Двете страни пријавија крвопролевање, но исклучувањето на интернетот и блокираните телефонски линии не дозволуваат да се сфати што се случува на терен во Тиграј. За сега се знае дека досега се убиени стотици луѓе, а повеќе од 40 000 Етиопијци кои избегале од борбите влегле во соседен Судан.