Од последици на Ковид-19, три недели по хоспитализацијата во Обединетите Арапски Емирати, почина водечкиот судански политичар и поранешен премиер, Садик ал-Махди, соопштија неговото семејство и партијата Ума.
Махди беше последниот демократски избран премиер, кој со воен удар во 1989 година беше соборен од власта, а на негово место дојде доскорешниот претседател Омар ал-Башир.
Махди ја предводеше умерената партија Ума и остана влијателен политичар, дури и откако Башир беше симнат од власт во април минатата година.
Семејството на Махди минатиот месец соошти дека тој бил позитивен на Ковид-19 и бил пренесен на лекување во ОАЕ, неколку дена по краткиот престој во болница во Судан.
Неколку членови од неговото семејство и водечки партиски функционери, исто така, беа заразени со коронавирус.
Махди се врати во Судан во декември 2018 година, по една година минати во самопрогонство, токму во деновите кога се вжештија протестите против влошените економски услови и владеењето на Башир.