Претседателот Стево Пендаровски упати порака по повод 26 Ноември, Меѓународниот ден на професорите по француски јазик.
„Дозволете ми Вам, професорите, наставниците, научните работници и сите оние кои за своја животна мисија го имаат избрано изучувањето и ширењето на францускиот јазик и култура, да Ви го честитам 26 Ноември, Меѓународниот ден на професорите по француски јазик. На јазикот на Молиер се создадени многу капитални дела на човековиот ум и дух. На овој јазик се испратени највредните хуманистички пораки – за слобода, еднаквост и правда, со векови, водечки идеи за правата на човекот и за ослободување и еманципација на народите.
Оваа година, Меѓународниот ден на професорите по француски јазик го одбележуваме во годината кога славиме половина столетие од формирањето на Меѓународната организација на Франкофонијата, организација вредна за почит, чија мисија е да ги поврзува луѓето и државите кои го почитуваат францускиот јазик.
Го одбележуваме и во специфични услови, поради пандемијата со ковид-19. Но, независно од ограничувањата наметнати од епидемиолошката состојба, со ист ентузијазам како и порано го прославуваме учењето на јазикот кој во себе носи и универзална порака на надеж, солидарност и сплотеност во различностите. Ова е дотолку поважно за нас затоа што и нашето општество е мозаик на јазиците на сите заедници кои живеат заедно во Северна Македонија.
Немам воопшто дилема дека францускиот јазик и култура кои се изучуваат и во формалното и во неформалното образование кај нас, ќе останат инспирација за откривањето на нови хоризонти на јазично и културно поврзување во светот кој навистина станува се помал, но, во кој богатството на културна и јазична разновидност секогаш ќе биде немерлива вредност.
Нека ви е честит овој ден, ви посакувам уште многу години на успеси.