На 26ти ноември 2020, во склоп на НАТО Академијата 2020 беше оддржано предавање на тема: „Енергетска Безбедност: Колку всушност ние сме (не)зависни?” со г-дин Виктор Андонов, Советник за Енергетика на Премиерот на Република Северна Македонија и член на Претседателството на АТА Македонија. Поради моменталната ситуација предизвикана од КОВИД-19 пандемијата и во согласност со препораките од државните и здравствените власти, ова предавање беше оддржано онлајн преку платформата ZOOM.
Предавањето го отвори г-дин Илија Џугуманов од Претседателството на АТА, по што г-дин Андонов ја започна својата презентација со објаснување на термините и продолжи со краток историски осврт на темата.
Понатаму, тој посочи дека климатските промени, глобализацијата, несигурната иднина на фосилните горива и енергетска сиромаштија меѓу другото, во 21 век придонесоа кон ранливост на критичната енергетска инфраструктура, што го наметнува прашањето како да се заштити истата, односно како да се дојде до енергетска сигурност како што таа е дефинирана од страна на Меѓународната Агенција за Енергетика (IEA) како непрекинлива достапност на енергетските ресурси по “дозволиви” цени.
Наредна тема во фокусот на презентацијата на Г-дин Виктор Андонов беше Енергетската Сигурност во контекст на НАТО. Па така, тој го спомена НАТО Самитот во Букурешт 2008 година како пресвртна точка за енергетската безбесност, Самит на кој сојузниците конечно идентификувале движечки принципи и можни опции и препораки за идно делување кои на алијансата и даваат појасни насоки за оваа тема. Понатаму, тој зборуваше за Стратешкиот Концепт од 2010 после кој беше создадена Секција за Енергетска Сигурност, дел од Дивизијата за Предизвици во НАТО. Конечно, на самитот во Брисел во јули 2018 година, сојузниците ја потенцирале важноста на енергетска сигурност како дел од заедничката сигурност.
Според Г-дин Андонов, постои голема зависност на членките на НАТО и ЕУ од рускиот гас, посебно како еден од главните предизвици за енергетската сигурност на НАТО, тој го посочи проектот Северен Поток 2, кој треба директно да ги поврзе Германија и Русија. Како што наведе Г-дин Андонов: „Зависноста на ЕУ од енергија и енергенси во 2018 година изнесувала 58%, што значи повеќе од половината од своите потреби ги увезува надвор од Унијата. Најувезуван продукт се нафтените деривати (вклучувајќи и сурова нафта) и тоа 2/3 од вкупниот увоз на енергенси, потоа
следат гасот (24%) и цврстите горива (8%). Стабилноста на снабдувањето на ЕУ може да биде загрозено доколку висок процент на увоз е концентриран од неколку земји, а ЕУ најголем дел од своите потреби на енергенси ги набавува токму од Русија”, посочи Г-дин Андонов. Како што тој рече: “Генералната стратегија на ЕУ се однесува на модерирање на енергетската потрошувачка, градење на функционален пазар за електрична енергија и природен гас, односно зголемување на домашното производство на енергија внатре во ЕУ”.
На крај, г-дин Андонов се осврна на ситуацијата во државава на оваа тема и посочи дека Република Северна Македонија е договорна страна на Енергетската Заедница и како кандидат за членство во ЕУ е подготвена да ја следи Европската Енергетска Политика и се обврзува да ги имплементира Директивите и Регулативите на ЕУ кој се однесуваат на оваа тема. Тој исто така напомена дека Република Северна Македонија е увозно зависна од енергенси, однонсо дека се увезуваат сите количини на нафтени деривати и природен гас, дел од цврстите горива и значителни количини на електрична енергија, а целокупната количина на природен гас доаѓа од една точка преку Бугарија, од Гаспром, Русија. Тој потенцираше дека главен предизвик е диверсификацијата на снабдувањето со гас, односно обезбедување на втора приклучна точка за природен гас од Азербејџан, преку гасоводот TAP (Trans Adriatic Pipeline) кој поминува низ Грција. Со реализацијата на овој стратешки проект значително ќе се подобри енергетската сигурност во снабдувањето со природен гас, дополнително ќе се намали потрошувачката на електрична енергија поради префрлањето на потрошувачите од електрична енергија на природен гас, но и ќе се зголеми потребата од нови инвестиции во електрани кои ќе работат на природен гас.
Учесниците покажаа голем интерес за оваа тема преку поставување на прашања и беа активни во дискусијата што се разви во вториот дел од предавањето.
Овој проект е поддржан од Одделот за јавна дипломатија на НАТО.