Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети се сретна со амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир, при што, како што соопшти ДУИ, истакнал дека владината коалиција е целосно посветена на агендата за интеграција на земјата во ЕУ, што е и стратешка цел на државата.
-Ахмети и Гир се согласија дека Република Северна Македонија прави силни напори да ги спроведе внатрешните реформи на најефикасен и сеопфатен начин. Покрај тоа, лидерот на ДУИ, Ахмети, му се заблагодари на амбасадорот Гир за посветеноста на Европската Унија за поддршката на Западен Балкан, соопшти ДУИ.
Ахмети и Гир, стои во соопштението, разговараа и за единственото отворено прашање на Северна Македонија, спорот со Бугарија.
-Ахмети му кажа на амбасадорот Гир дека моменталната состојба ќе се надмине преку вистински и многу конструктивен дијалог меѓу Скопје и Софија и оти во овој поглед на земјата и треба олеснување од Европската Унија, слично на она со Грција. На крајот од оваа средба, претседателот на ДУИ, Али Ахмети му кажа на евроамбасадорот, Дејвид Гир дека и Скопје и Софија мора да бидат многу внимателни во решавањето на овој спор и оти мора да се има предвид „колку повеќе историја, толку повеќе ќе има носталгија”, се наведува во соопштенмието.