Поранешниот аргентински фудбалер и тренер Диего Марадона е погребан на гробишта во близина на Буенос Аирес. Марадона е погребан на приватните гробишта „Бела Виста” до неговите родители. На погребната церемонија учествуваа само роднините и пријателите на Марадона.
Претходно за време на церемонијата на збогување во Буенос Аирес, избувнаа немири. Настанот, кој се случи во претседателската палата во аргентинската престолнина, мораше да биде прекинат.
Поранешниот фудбалер, светски шампион 1986 година почина на 25 ноември. Аргентинските власти објавија тридневна жалост на национално ниво – националните знамиња ќе бидат спуштени и нема да има забавни програми на телевизија.
Марадона во својата кариера играше за Бока јуниорс, Барселона и Наполи. Тој исто така беше селектор на репрезентацијата на Аргентина од 2008 до 2010 година.
Во 1986 година, играјќи за националниот тим го освои Светското првенство што се одржа во Мексико. Беше прогласен за најдобар фудбалер на тој Мундијал.