Луѓе кои се соочиле со тоа нивни фотографии и видео содржини да бидат објавени од други лица во текот на 2020 година во тетовската полиција пријавиле 28 вакви случаи кои се во делокругот на злоупотреба на лични податоци. Според портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски, над половина од нив се заокружени со соодветни поднесоци согласно член 149 од Кривичниот законик, додека расчистувањето на другите е во тек.
-Претежно станува збор за објавување на фотографии, коментари или видео-клипови со компромитирачка содржина или порака, а што претставува кривично дело за кое се предвидени парични или казни затвор од една од три години. Во овој период, исто така, евидентирани се и случаи кога „злоупотребувачите” на своја рака, на разно-разни начини успеале да симнат фотографии од друг профил и потоа истите да ги злоупотребат, без знаење и согласност од оние на кои им припаѓале тие фотографии, истакнува Јосифоски.
Секторот за внатрешни работи Тетово со апел до корисниците на социјални мрежи да се воздржат од вакви злоупотреби, зашто во спротивно ќе се соочат со законски предвидените санкции.