Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски заедно со пратеникот од грчкото малцинство, ќе поднесат амандман за укинување на казната во законот за попис во графата за етничка припадност.
Тие оценуваат дека членот со кој се предвидуваат казни е во спротивност со меѓународните инструменти кои гарантираат слобода на изразување.
-Заедно со мојот колега пратеник од грчкото малцинство, Лигораќ Карамело, ќе предложиме амандман за укинување на членот 22 од законот за попис со кој се предвидуваат парични казни од 50.000 до 100.000 леки (410 до 820 евра), за давањето податоци на прашањето за етничко потекло, доколку е во спротивност со податоците запишани во граѓанскиот регистар. Сметаме дека со укинувањето на овој член претставниците на малцинствата ќе може слободно да ја изразат нивната етничка припадност, изјави за МИА Стерјовски.
Тој додаде дека пописот во 2011 година малцинствата го бојкотираа, а резултатите не беа прифатени и беа оспорени како од малцинствата и верските заедници, така и од домашните и меѓународните институции кои се занимаваат со мониторинг на правата на малцинствата.
-Попишувачите ги пополнуваа формуларите според евиденцијата во граѓанскиот регистар и затоа Македонци има само онаму каде што се признава статус малцинство. За да не повторуваат нешатата од 2011 година, албанските власти неопходно е да го слушнат гласот на малцинствата, посочува Стерјовски.
Во Албанија статусот на етничка припадност на малцинствата им се признава само во општините кои се признати како „малцински општини”.
За Македонците тоа се општина Пустец и селото Врбник, општина Девол, за Грците општините Химара и Финиќ. Со напуштање на таа територија, каде и да живеат во Албанија припадниците на малцинствата автоматски во граѓанскиот регистар ги запишуваат како Албанци.
По падот на тоталитарниот режим македонските друштва, заедницата и партијата во континуитет бараат признавање статус малцинство и на Македонците во Голо Брдо, Гора и на целата територија на Албанија, но до сега нема измени во тој апсект.
Пописот на населението во Албанија предвидено е да се спроведе во октовмри 2022 година.