Полициски час од 21 до 5 часот наутро, работно време до 19 часот за рестораните и кафулињата, затворени фитнес центри, базени и казина, забрана за јавни собири и протести, се дел од мерките кои од вторник, се воведуваат на Кипар, во траење од две седмици, јави дописничката на МИА од Атина.
Во црквите и религиозните храмови дозволени се најмногу 75 лица, додека пак за венчавките, крштенките и погребите, бројот не смее да биде над десет.
Продавниците и моловите, фризерските и козметичките салони, археолошките локалитети и музеите, театрите и галериите ќе останат отворени, но согласно здравствените протоколи.
Министерот за здравство на Кипар Константинос Јоану, соопштувајќи ги мерките рече дека здравствениот систем е под притисок.
-Во месец ноември на Одделите за интензивна нега беа примени 26 пациенти, а 22 наши сограѓани ја загубија битката за живот поради болеста. Речиси половина од смртните случаи (вкупно 48) од почетокот на пандемијата беа регистрирани во ноември, рече Јоану.
Мерките, планирано е да се олабават на 14 декември, а министерот за здравство на Кипар, на денешната прес конференција ги соопшти и мерките што ќе бидат на сила од 14 декември до 7 јануари, доколку се подобри епидемиолошката слика во земјата.
Полицискиот час ќе биде од 23 до 5 часот наутро, дозволени ќе бидат собири во домовите на најмногу 10 лица вклучително и децата, а угостителските објекти ќе работат до 22 часот.
Исклучоци постојат за 24 и 31 декември, односно за Божиќ и Нова година кога полицискиот час ќе биде од 2 часот по полноќ до 6 часот наутро, угостителските објекти ќе бидат со продолжено работно време до 00.30 часот, додека пак за периодот од 23 декември до 1 јануари 2021 година, во домовите дозволени се собири на најмногу 15 лица.
Јоану упати апел до граѓаните да ги почитуваат мерките, рече дека оваа година празниците ќе бидат поразлични, но сите треба да бидат „посветени на големите напори да го спасиме нашето здравје”.
-Овој Божиќ да им го подариме на луѓето кои ги сакаме, на сите оние кои мораме да ги поддржиме и заштитиме, порача министерот за здравство на Кипар.
Од почетокот на епидемијата, на Кипар се регистрирани 9.673 случаи на Ковид-19, а починаа 48 лица.