Кумановец на 87 годишна возраст го победил Ковид лекувајќи се дома

Кумановецот С.З. (87) го победил коронавирусот лекувајќи се во домашни услови, објави СДК.мк.

Откако почувствувал симптоми, на 5 ноември направил тест кој потврдил дека е заразен од ковид-19, а по 20 дена е излекуван.

-Веднаш беше испратен на Инфективното одделние во Кумановската болница, каде му беше направен детален преглед, при што беше утврдeно дека има воспаление на белите дробови и други нарушувања, но ни беше препорачано да се лекува во домашни услови со соодветна терапија. Преку Службата за домашна посета секојдневно добиваше прво инфузија, а потоа и инјекции. Тука бевме и ние и му помагавме по упатствата на лекарите. После првиот контролен преглед резултатите веќе беа подобри, а по 20 дена неговиот инфектолог констатира дека е излекуван, кажуваат од семејството.

Тие се многу задоволни од нивниот однос и јавно им се заблагодаруваат.

-Се плашевме поради неговата возраст, иако не беше во ризичната група, но има висок крвен притисок и други проблеми кои се нормални во негови години. Тој отсекогаш беше физички активен, до 82 години возеше велосипед по 10 километри. Но, болеста е непрeдвидлива. Секако, ова е голем успех за него и затоа сакавме да го споделиме нашето искуство со останатите граѓани, да не се откажуваат и да се борат, а најважно од се` е навреме да побараат здравствена заштита за да можат лекарите да им помогнат, велат роднините.

Семејството не знае каде нивниот родител се заразил, претпоставуваат дека сигурно некој до најблиските бил асимптоматски, бидејќи тој главно седел дома и немал контакт со други лица.

 

Треба да знаете
Последни објави