Претседателот на Владата Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска имаа состанок со претседателката на Советот на Пелагонискиот плански регион и градоначалничка на Битола, Наташа Петровска и со членовите на Советот, градоначалници на општините коишто припаѓаат на овој регион.
Како што се посочува во соопштението од владината прес-служба, на состанокот заеднички е констатирано дека инфраструктурниот развој носи и економски развој и развој на туризмот и во таа насока се поздравени заложбите на Владата за подобрувањето на квалитетот на живот на сите граѓани во државата и отвореноста на Владата за соработка и поддршка на планските региони и на локалната самоуправа.
Како што е наведено, посебно е разговарано за активностите во насока на значителен развој на Пелагонискиот регион, како територијално најголем плански регион во нашата држава.
Премиерот Заев, вицепремиерот Битиќи и министерот Бочварски ги објасниле постапките во инфраструктурите проекти, како што се клучните делници за патно поврзување на овој регион со другите региони, гасификацијата и во делот на животната средина, решавањето на прашањето со депониите, како клучни прашања за коишто имаше изразен интерес за разговор.
-Наша цел е забрзан економски развој на државата и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и во градовите и во селата и отпочнати се сериозни проекти во делот на патната инфраструктура, водоводите и канализациите, затоплувањето, зелената енергија, гасификацијата, за коишто има обезбедно и инвеститори и средства од државата, рече премиерот Заев.
Како што се наведува, вицепремиерот Битиќи нагласи дека има сеопфатен пристап на капиталните инвестиции и определеност за нивна реализација во кратки рокови, секаде каде што е тоа можно, како и дека се работи на повеќе поголеми капитални инвестиции, коишто ќе придонесат во развојот и на Пелагонискиот регион.
Министерот Бочварски нагласи дека во делот на патиштата во овој плански регион, фокусот е на експресниот пат Градско – Прилеп и на делниците Прилеп – Битола и Битола – Меџитлија.
На состанокот се поздравени напорите на премиерот Заев и на Владата за исчекори во евроинтеграциите и паралелно со тоа решавањето прашања од секојдневниот живот на луѓето во земјава, се наведува во соопштението од Владата.