Ако догодина буџетските корисници заклучно првото тримесечје не реализираат најмалку 15 проценти од планираните капитални расходи, до второто најмалку 40 проценти и до третото најмалку 65 проценти, средствата ќе им бидат земени и насочени кон проекти кои имаат добра реализација. Механизмот на „наградување и казнување” за реализацијата на капиталните расходи е предвиден со Предлог-законот за извршување на буџетот 2021 најави заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски во интервју за МИА и посочи дека „нема веќе инвестиции на хартија„.
-Решени да ја смениме децениската пракса наназад од „инвестиции на хартија”. Tоа ќе го направиме преку мерки со кои ќе се „поттурнат” институциите да имаат подобар перформанс. Првиот од тие механизми е токму повеќегодишната рамка, со која ќе се обезбеди подобро планирање на вакви крупни проекти, кои се протегнуваат во повеќе фискални години и еден од проблемите досега е што ја немаше таа рамка. Предвидовме и воспоставување на механизам за „казнување и наградување” на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи. Така, буџетските корисници со Предлог-законот за извршување на буџетот за 2021 година се задолжени со завршување на првото тримесечје да реализираат најмалку 15 отсто од проектираните капитални расходи, со вториот најмалку 40 отсто, со третиот најмалку 65 отсто, согласно законот за извршување на буџет 2021. Од оние кои нема да ги реализираат средствата, истите ќе бидат насочени онаму каде има подобра реализација, вели Ковачевски.
Тој посочува и дека преку Smart Key Performance Indicators методологијата ќе се оценува реализацијата на капиталните инвестиции, а ќе се форсира и довршување и забрзана реализација на крупни инфраструктурни проекти.
-Идејата не е само да се стават бројките на хартија, туку и да се види и квалитет на проектите, односно нивното влијание врз економијата и растот. Затоа предвидуваме усвојување на методологија за оценка на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст, како и значително кратење и лимитирање на капиталните расходи за купување мебел и возила, истакнува Ковачевски.