Aмбасадорот на Србија во Црна Гора, Владимир Божовиќ е прогласен за „персона нон грата” и од него е побарано да замине од Црна Гора, соопшти црногорското Министерство за надворешни работи.
Во согласност со членот 9 и на 41 на Виенската конвенција за дипломатски привилегии и имунитет, Министерство за надворешни работи на Црна Гора денеска го прогласи амбасадорот на Република Србија во Црна Гора, Владимир Божовиќ го прогласи за персона нон грата и побара тој да замине од Црна Гора, се наведува во соопштението.
Како образложение за таквиот чекор се наведува „долго и континуирано мешање во внатрешните работи на Црна Гора, однесување и и изјави неспоиви со вообичаените и прифатливи стандарди за извршување на дипломатската функција”. Официјална Подгорица тврди дека Божовиќ повеќепати бил усно и писмено предупреден за неговото неприфатливо однесување.
– Амбасадорот Божовиќ вчера нелегалното и нелегитимно Подгоричко собрание од 1918 година го нарече ослободително и слободна волја на црногорскиот народ, со што уште еднаш, на најдиректен начин ја омаловажи државата која му пружи дипломатско гостопримство, се наведува во соопштението на црногорското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се истакнува дека Божовиќ на таков начин го понижи законодавното и претставничко тело – Собрание на Црна Гора, кое на 29 ноември 2018 година усвои Резолуција за поништување на одлуката на Подгоричкото собрание, со која беше укинат дотогашниот суверенитет на Црна Гора, а нејзината територија припоена кон Кралството Србија и насилно беше детрониизран кралот Никола Петровиќ Његош.
– Министерството за надворешни работи на Црна Гора со ова на вообичаен начин, со нота го извести српското Министерството за надворешни работи, а нота ќе му биде врачена и на амбасадорот Божовиќ, се посочува во соопштението.