Др- Ѓорески: Не треба да дозволиме да ни се случи пандемија од канцер после ковид 19

Во првиот дел од пандемијата, од март наваму за кратко време ГОБ „8 Септември“ стана главен ковид центар во државата и многу од одделите беа затворени и наменети само за третман на болни со ковид 19 вирусот. Хирургијата беше комплетно пренаменета за болни со ковид 19, речиси блокирана. Интервентниот радиолог доктор Александар Ѓорески за 24 инфо вели дека од секојдневие кое го работеле од нивната област биле приморани интервенциите да ги одложуваат.

Така малку по малку се она што секојдневно работевме од нашата област како што се периферните ендоваскуларни интервенции, каротидните интервенции, третмани на миоми на матката замреа, односно како неургентни процедури овие пациенти бевме приморани и сеуште сме делумно приморани да ги одложуваме.
Каква е ситуацијата со пациентите со малигни заболувања кои имаат потреба од третман во вашата болница на одделот за интервентна радиологија?


На одделот за интервентна радиологија во нашата болница се изведуваат голем број на минимално инвазивни дијагностички и тераписки процедури кај онколошки пациенти и за најголем дел од нив ние сме единствен центар во држaвата( ваквите интервенции ги нема ни во приватните болници) !!! Почнувајки од поедноставните: секакви видови на биопсии, дренажи, преку поставување на централни венски катетри и портови за хемотерапија се до најсофистицираните методи како интраартериска апликација на хемотерапевтици во тумори пред се на црниот дроб, потоа радиофреквентна и микробранова аблација на различни видови на тумори на црн дроб, бели дробови, лимфни јазли и уште ред други интервентни постапки.
Мора да бидеме реални и да кажеме дека пациентите со карциноми се една исклучително вулнерабилна категорија на луѓе кај кои навремените прегледи, консултации, интервенции, операции како и апликација на хемо и зрачна терапија апсолутно несмеат да доцнат воопшто бидејќи може да настане прогресија на заболувањето и потоа да нема назад.
Уште од самиот почеток на пандемијата јас и тимот за интервентна радиологија и онкологија во 8ми Септември зазедовме став дека ќе се трудиме максимално да ги згрижиме сите пациенти со малигни болести кои имаат потреба од некоја инвазивна дијагностичка или терапевтска процедура и мислам дека досега успеваме во тоа. Морам да го изразам своето задоволство и јавно да кажам дека ми е чест што работам со тим од лекари, медицински сестри и технолози кои безрезервно се ставија во служба на здравјето посебно на малигните болни во изминаиот тежок период. Одговорно тврдам дека кај сите пацеинти кај кој имало потреба од медицинска постапка од областа на интервентната онкологија истата е извршена на време, односно без да се дозволи прогресија на болеста. Ова важи дури и за време на периодот кога имаше ротации на персоналот на 14 дена, и тогаш нашиот тим од лекари не направи пауза, работевме постојано и во двете смени. Имавме голема среќа поголем дел од од нас за време на целиот период да останеме во добро здравје за да се грижиме и за пациентите но и за своите семејства. Се надевам дека ќе остане така и понатаму. Ова е тимска игра, така што ќе кажам дека и колегите од Клиниката за Онкологија, како и хируршките и интернистичките одделенија се за секоја пофалба.
Има ли проблем околу сместувачките капациетети?


Секако дека имаше и сеуште имаме проблем особено поради намалениот капацитет на кревети во болницата. Отежнат е приемот на пациенти од физички причини, имено голем дел од интернистичките оддели се претворени целосно во ковид одделенија. Поради ова бевме приморани дел од нашите интервенции да ги правиме во амбулантски услови, односно без да ги задржуваме пациентите во болница и тоа досега се покажува како успешно за одредени медицински постапки, но тоа не е возможно за сите пациенти.
Каков е вашиот став за тоа како нашето здравство се справува со третман на онколошките пациенти за време на ковид пандемијата? Дали се отежнати условите за нив? Дали доцнат прегледите, терапиите и интервентни постапки?
Уште од почеток на оваа ситуација со ковид 19, Европските и Светски препораки, како и насоките на нашето Министерство за здравство беа јасни за онколошките пациенти, дека кај нив не би смеело да доцни дијагностиката и лекувањето по ниедна цена. Но ова е полесно да се каже отколку да се изведе во пракса од повеќе причини. Најпрво, со самото намалување на амбулантите за дијагностика и работата само со ургентни или ковид пациенти во најголемите болници( напр. Кабинетите за гастроскопија или колоноскопија), или пак со парцијалното затварање на термините за снимање на компјутерска томографија или магнетна резонанца доцни и раната дијагноза на некои од малигните заболувања, следењето на веќе дијагностицираните болни а со тоа и пролонгирање на третманот.


Европското здружение за медицинска онкологија брзо донесе посебни акти и препораки за тоа како да се справуваме полесно со овие ситуации, насоки за тоа што е ургентно а што не, што може да почека и да не се прави со физичко присуство на пациентот со цел да се намали ризикот. Имено, малигните болни имаат многу поголеми шанси за бурна клиничка слика доколку се разболат од корона вирус бидејки тие и онака се со намален имунитет. Овој проблем го има и во многу поразвиени европски земји но е изразен и кај нас. Сметам дека вистинскиот ефект од целиот процес на пролонгирање и доцнење во лекувањето на малигните болни ќе има подалекусежни последици кои ќе се чувствуваат подолг период особено откако ќе заврши пандемијата.
Што според вас може да помогне во побрз и поквалитетен третман на малигните болни?
Онкологијата како гранка од медицината и се она што е поврзано со неа почувајки од дијагностика, хемо и зрачна терапија, операции и интервенции се едни од најскапите делови од медицината. Голем дел од здравствените буџети за големите земји се одлеваат за онколошките пациенти, па така е и кај нас. Лично, сметам дека имаме уште многу што да промениме, усовршиме и имплементираме во нашиот здравствен систем за онколошките пациенти. Модерната медицина а посебно интервентната радиологија и онкологија се скапи гранки, каде треба да се планираат големи средства доколку сакаме да имаме квалитетни здравствени услуги. Нема добро здравство без пари, ниту во светот а ниту кај нас.
Мора да имаме адекватен и доволно потрошен материјал во секој момент за изведување на нашите интервенции, софистицирана апаратура која секогаш ќе се надградува и редовно сервисира и најважно од се, едуциран персонал кој постојано ке ги следи светските трендови.
Пожелно е да има посебни апарати и патеки за онколошките пациенти во услови на пандемијата за да тие не доаѓаат во директен контакт со вирусот. Не би смееле да правиме интервенции во иста сала на онколошкии пациенти и на пациенти позитивни на ковид 19.
Дали досега сте работеле медицинска интервенција кај пациент со ковид 19? Какво е чувството?
Вирусот ковид 19 се покажа како исклучително непредвидлив и тежок за менаџирање. Една од главните карактеристики покрај белодробните манифестации е тоа дека ги напаѓа и другите делови од организмот, а посебно кардиоваскуларниот систем. Јас и мојот тим досега имаме направено 10тина интервенции кај ковид 19 позитивни пациенти од типот на периферни васкуларни интервенции, дренажи, а изминатата недела имавме пациент кај кого моравме да поставиме стент на аортата (главниот крвен сад во телото), поради тромбоза како компликација на ковид 19. Секако дека не е најпријатно чувство да знаете дека пациентот покрај основното заболување кое го третираме згора на се има и ковид 19, но стравот беше поизразен во пролетта, сега веќе некако се привикнавме дека мораме да ги користиме мерките на заштита во целост и притоа да бидеме фокусирани на главниот проблем.

Каква е интервентната радиологија/онкологија во нашата држава?


Во нашата држава интервентната радиологија и онкологија се млади дисциплини кои пополека но сигурно добро се развиваат. Нашата предност е во тоа што на минимално инвазивен начин, со една до две вечери болничко лекување можеме да направиме комплексна медицинска интервенција кај пациент со карцином без притоа тој да биде целосно анестезиран и да може за брзо време да се врати на нормалните активности или да продолжи со хемотерапија. Она што ме радува е дека има се поголем интерес особено кај младите лекари за нашата специјалност. Имаме поддршка од нашиот менаџерски тим во болницата на чело со директорот Христијан Костов, а имаме поддршка и разбирање и од страна на ресорниот министер, Венко Филипче

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави