Северна Македонија е во очекување на состанокот на министерскиот совет на Унијата на почетокот на овој месец и на можноста да се даде зелено светло за преговарачката рамка, а германската канцеларка Ангела Меркел вчера со порака дека земјава се уште има шанси да ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ оваа година, во текот на германското претседавање со Унијата.
Таа на вчерашната видео-конференција со парламентарците од европскиот континент сепак рече дека тие се соочуваат со потешкотии во врска со одржувањето на Меѓувладината конференција и дека се уште постои потреба од преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија.
-Се соочуваме со потешкотии да овозможиме одржување на меѓувладината конференција со Северна Македонија. Албанија направи голем напредок, но особено е во прашање дали ќе успееме навреме со Северна Македонија, затоа што се уште постои потреба од преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија, нагласи германската канцеларка.
Подоцна, одговарајќи на прашање на пратениците, Меркел рече дека се надева дека Северна Македонија годинава ќе ги започне преговорите, додека Албанија ќе мора да почека.
Од друга страна повеќе високи дипломати од земји – членки на ЕУ наведуваат дека Северна Македонија речиси сигурно ќе биде блокирана од страна на Бугарија на состанокот.
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел се состанаа вчера да ги разгледаат заклучоците што треба да бидат усвоени на 8 декември од страна на министрите за европски работи. Нивниот следен состанок, пред состанокот на Советот на ЕУ, е во среда.
-Консултациите продолжуваат на оваа тема, велат од Советот на ЕУ.
Според информациите на МИА, од заклучоците е отстранета опцијата за вклучување на датум за одржување на првите меѓувладини конференции со Албанија и Северна Македонија поради ветото на Софија за Скопје, датумите ќе бидат вклучени во самите преговарачки рамки кога тие ќе бидат усвоени, објаснуваат дипломатите од земјите членки на ЕУ.
Бугарија вчера на амбасадорскиот состанок повторила дека нема да даде зелено светло за Северна Македонија на идниот министерски состанок на 8 декември.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ продолжува со обвинувањата дека премиерот Зоран Заев тајно преговара со Софија изминатите денови. ВМРО-ДПМНЕ го повика Заев јавно да објави за што точно тајно се преговара во Софија овие денови, во спротивно тие за денеска најавија блокади на Владата и Министерството за надворешни работи.
ВМРО-ДПМНЕ вчера одржа протести со движење на колони возила низ улиците на 11 градови во државата против, како што велат од партијата, криминалот, корупцијата, неправдите, тргувањето со македонскиот идентитет, држава, минато и иднина. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во обраќање на фејсбук по одржаните протести за утре најави и протести во главниот град.
Од СДСМ, пак, нагласија дека преговори со Бугарија течат веќе два месеца, и го повикаа Мицкоски, како што посочија, наместо да шири лажни вести, да одговори за чии структури и за какви цели работи.
Заев викендов нагласи дека немал закажано средба со Борисов и оти преговорите течат на ниво на работни групи, предводени од министрите за надворешни работи, а македонскиот јазик и македонскиот идентитет се црвените линии во преговорите со Бугарија, кои повеќе пати изминатите денови ги потенцира државниот врв. Заев минатата недела изјави дека нема да има преговори за јазикот и идентитетот, тие не се на масата за преговори и оти никаде во светот не се преговара за идентитетот и за свој мајчин јазик.
На бугарско-македонскиот спор вчера се осврнаа неколку поранешни бугарски високи функционери, регионални, но и светски медиуми. Вчера со свој став во анализа за софиски „24 часа” се јави поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев, кој смета дека се наоѓаме во историски момент.
-Бугарија, пишува тој, носи голема одговорност за тоа што се случува во регионот. Решенијата кои ќе бидат донесени оваа недела во Софија, Скопје, Берлин и Брисел, со сигурност ќе го сменат правецот на развој. Се надевам дека ќе биде за добро. Посакувам успех, наведува Плевнелиев.
Тој смета дека политичкото раководство на Скопје направило погрешен чекор и историска грешка пред 25 години, кога решило да се конфронтира со Грција, како земја членка на ЕУ и НАТО, заборавајќи дека основни принципи на тие организации се консензус, компромис и добрососедски односи.
Според Плевнелиев, ако тогаш бил избран компромис и соработка со Грција, Република Северна Македонија ќе се присоеднела кон ЕУ заедно со Бугарија, Романија или Хрватска, ако не и пред нив.
– Лидерите на земјата денес се исправени пред истата дилема – да се конфронтираат или да соработуваат со Бугарија, земја-членка на ЕУ и НАТО, смета Плевнелиев.
Тој во анализата додава дека раководството во Скопје не треба да очекува оти Бугарија „ќе се откаже од богатата историја под меѓународен пристисок”.
– Не е добар план премиерот Заев да продолжува да настојува за македонско малцинство во Бугарија, бидејќи тоа никогаш не постоело. Во Скопје се загрижени дека Бугарија нема да го признае нивниот идентитет и јазик. Тоа не е вистина, пишува поранешниот бугарски претседател.
Според него, сега не смее да се пропушти моментот за решавање на недоразбирањата меѓу Скопје и Софија, бидејќи следната година може биде потешка затоа што „има веројатност во Бугарија да има нова влада од леви и десни популисти под шапката на претседателот популист Радев, кој веќе и јавно повикува процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ да биде запрен, се додека не биде постигнато јасен обрзувачки билатрален договор меѓу Бугарија и Република Северна Македонија за расчистување на сите билатерални прашања”.
Поранешните бугарски министри за надворешни работи и за одбрана, Ивајло Калфин и Бојко Ноев во текст во Оффњуз.бг посветен на односите меѓу Скопје и Софија оценуваат дека брзањето отсекогаш било лош советник во политика, исто како и потценувањето на проблемите и одложувањето на нивното решавање.
– Повеќеслојните проблеми не можат да се решат без политичко лидерство. Бугарија и Република Северна Македонија дојдоа до важна крстосница во нивната комуникација и нивната иднина зависи од насоката во која ќе тргнат. Клучот за нашите земји да живеат заедно во Европа е политичката храброст и цврстите гаранции дека она што не подели, нема да се повтори, сметаат двајцата поранешни министри.
Според нив, односите меѓу двете земји се „длабоко под влијание на заедничката историја и тешко е да се ослободат од противречностите, кои, како по правило, се воведуваат и разгоруваат од надворешни фактори”.
Бугарија има историска одговорност и интерес да биде мотор на проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан, па затоа што е можно поскоро треба да почнат преговорите за членство со Република Северна Македонија и Албанија.
Тие ги повикуваат властите во Софија и Скопје да започнат активен дијалог на највисоко ниво и да преземат заедничка обврска дека во текот на следните месеци официјално ќе ги известат останатите држави на ЕУ дека земјава е подготвена да започне преговори за членство.
Хрватски „Нови лист” вчера објави текст со наслов „Случувањата околу Северна Македонија се огледало на реалноста во ЕУ” во којшто весникот оценува дека сето она што се случуваше на релација меѓу ЕУ и Република Северна Македонија во изминативе 30 години, е огледало на реалната состојба во Унијата.
Ријечкиот весник пишува дека Грција со децении го блокираше пристапувањето на земјава во ЕУ поради спорот околу името, кој како што се наведува беше надминат со Договорот од Преспа, „попознат како договор за промена на името на Република Македонија во Република Северна Македонија”.
Весникот нагласува дека по решавањето на овој спор, нови пречки на патот на земјата кон ЕУ става Бугарија.
– Со потпишувањето на Договорот меѓу Бугарија и Македонија во 2017 година, се чинеше дека ќе се решат барем некои отворени горливи прашања меѓу двете земји. За жал, на почетокот на ноември оваа година, Бугарија ја извести Европската комисија дека не е во можност да ја прифати предложената преговарачка рамка за Република Северна Македонија и нејзината предлог-декларација, бидејќи не ги обезбедуваат потребните гаранции за исполнување на условите што ги бара Бугарија, наведува „Нови лист”.
По ова, според весникот, Бугарија започна со ултимативни барања, како тоа Северна Македонија „да се откаже од тезата за постоење на етнички Македонци во Бугарија”, потоа „отстранување на одредени македонски историски личности од учебниците затоа што тие наводно биле Бугари”, како и откажување „од употребата на терминологија за „бугарска фашистичка окупација” на Македонија за време на Втората светска војна”.
Со темата за бугарскатат блокада за Северна Македонија се занимаваше и угледниот „Фајненшел тајмс” во чијшто текст се посочува дека „Бугарија се приклучи кон проблематичната европска група”.
-Тензиите дополнително се зголемија во последните неколку недели, бидејќи Бугарија го блокираше отворањето на разговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ, зголемувајќи ги стравувањата дека може да им се придружи на Унгарија и Полска во нивните чести битки со Брисел и земјите-членки на Унијата, се наведува, меѓу другото, во текстот на „Фајненшел тајмс”.
ФТ пишува дека по промената на владата во Букурешт во 2019 година – и во услови на зголемена вознемиреност за авторитарното владеење во централна и источна Европа – центарот на вниманието се насочи кон Софија. Во неодамнешниот извештај за владеењето на правото во Бугарија, Европската комисија изрази загриженост во врска со нетранспарентната сопственост на медиумите, притисоците врз новинарите и новиот предлог закон за странско финансирање на невладини организации. Во јуни, Европскиот суд на правдата утврди дека сличен закон во Унгарија е некомпатибилен со основните права на ЕУ.
Во меѓувреме, владата на Борисов исто така е под притисок поради неодамнешното спротивставување на започнувањето на разговорите за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ, додава весникот.
-Тие сметаа дека г-дин Борисов ќе го води овој процес, вели Весела Чернева, директор на канцеларијата на Европскиот совет за надворешни односи во Бугарија. Таа додава дека ова го става во опасност европскиот проект на начин кој е без преседан.