Научниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, доктор Скот Атлас, познат по својата скептичност кон воведувањето мерки за борба против коронавирусот, поднесе оставка.
Претставник на Белата куќа потврди дека неврорадиологот од Универзитетот Станфорд поднесе оставка кон крајот на неговиот времен ангажман во американската администрација. Веста за оставката ја потврди и Атлас во објава на Твитер.
Тој му се придружи на тимот во текот на летото, а доаѓал во судир со највисоките владини советници за коронавирус, вклучувајќи го и доктор Ентони Фаучи, кои барале воведување поостри епидемиолошки мерки.
Атлас ги критикувал напорите за охрабрување на луѓето да носат заштитни маски, а само пред неколку недели, по повод воведувањето нови мерки во Мичиген, ги повикал граѓаните да се спротивстават на таквата одлука.