Нобеловката Надија Мурад предупреди дека пандемијата ја зголеми трговијата со жени и насилството

Добитничката на Нобеловата награда за мир Надија Мурад изјави дека пандемијата на Ковид-19 ја зголеми трговијата со жени и родовото насилство, оставајќи го здравјето и безбедноста на жените „на маргините”.

Поранешната затвореничка на екстремистите во Ирак, 27-годишната активистка рече дека полицискиот час, блокадите и ограничувањата за патувања воведени од владите за да се забави ширењето на вирусот имаат негативни последици врз жените ширум светот.

– Наместо да се намали трговијата со луѓе и родовото насилство, пандемијата го зголеми ризикот од експлоатација и бруталност врз оние кои се изложени на најголем ризик. Многу земји регистрираат зголемување на семејното насилство од почетокот на пандемијата, рече таа на состанокот на Обединетите нации за сексуално насилство и трговија со луѓе за време на пандемијата на Ковид-19.

Мурад истакна дека тензиите се зголемиле во ограничените простори за живеење, а наредбите да останат дома „ја зголемија нелегалната трговија со луѓе, далеку од очите на законот”.

Припадничката на ирачкото малцинство језиди, Мурад беше меѓу илјадниците жени и девојки заробени и принудени на сексуално ропство од екстремистите на Исламска држава во 2014 година.

Припадниците на Исламската држава ги убија нејзината мајка и шест браќа. По бегството од Ирак, најде засолниште во Германија и стана активист за човекови права, а во 2018 година ја доби Нобеловата награда за мир, заедно со Денис Меквеге, за напорите да се запре употребата на сексуално насилство како начин на војна во вооружени конфликти.

Треба да знаете
Последни објави