Од печат излезе „Амбиент” – книга четврта (2018-2019) (анализи, колумни, коментари, интервјуа…) на Зоран Иванов, еден од бардовите на македонското новинарство. Редактор и издавач и на оваа книга, хронолошко продолжение на претходните „Амбиент” 1, 2, 3 и 3/1 е Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист.
„Амбиент – 4″ содржи 67 новинарски текстови (анализи, колумни, коментари) објавени на веб – порталите „Инбокс 7″ и „Цивил” кои се однесуваат на актуелните случувања во земјава во годините 2018-та и 2019-та, новинарски содржини на теми од актуелните македонски внатрешни и меѓународни турбуленции, за политиката и политичарите, за клиентелизмот и корупцијата, за вистините и лагите…
И во „Амбиент – 4″, како што соопшти редакторот и издавачот на оваа книга, Зоран Иванов останува актуелен, уникатно директен.
-Напати ироничен, но содржаен, покажувајќи ги ретката аналитичка дарба и неверојатиот сенс преку актуелните случувања да ги предочува и наредните неминовни процеси и настани. Неговиот стил е посебно посебен. Неговиот новинарски израз е реторика во пишана форма. Таков е и сега во „Амбиент – 4″. Како и во неговите претходни книги со ист наслов, така и во овој четврти „Амбиент”, силно блика неговиот новинарски карактер, неговиот нескротлив новинарски темперамент рамен на новинарска страст, пишува редакторот и издавач Свето Стаменов.
Деновиве од печат треба да излезе и „Амбиент” – книга петта (2019-2020), која заедно со „Амбиент – 4″, како што се наведува, ќе биде уште една рефлексија на, сега веќе, петдецениското новинарско творештво на Зоран Иванов, бард на македонското новинарство, аналитичар, хроничар на денот и времето…