Министерството за финансии на својот фејсбук профил објави дека се усвоени измените и дополнувањата на Законот за Македонска банка, со што се овозможува спроведување на државната гарантна шема која е дел од четвртиот пакет антикризни мерки и Стратегијата за заздравување и забрзан економски раст- #SmartERGrowth, како и можноста Развојна банка да формира фондови за поддршка на развојот на стопанството.
Како што посочуваат од Министерството, државната гарантна шема ќе се реализира преку формирање на гарантен фонд во рамки на Развојната банка, кој ќе издава гаранции за кредити за бизниси кај комерцијалните банки. Иницијалните средства за фондот се 10 милиони евра, кои се обезбедени со вториот ребаланс на буџетот и со нив ќе се гарантираат кредити во износ неколкукратно повисок од фондот.
Со овие законски измени, како што наведуваат од Министерството, се олеснува пристапот до кредити за микро, мали и средни компании, се поддржува приватниот сектор со преземање на дел од кредитниот ризик, се подобруваат условите за колатерал по кредити од деловните банки на оние компании кои што имаат потреба од дополнително финансирање и финансиско обезбедување и се олеснува пристапот до капитал и финансирање проекти преку развојните фондови.
– Државната гарантна шема и фондовите ќе играат значајна улога за внесување на ликвидност во стопанството во време на Ковид-19 кризата, но и на среден рок, како постојан механизам за пристап до капитал за микро, малите и средни компании кој воедно ќе придонесе за зголемена финансиска инклузија на овие компании, наведува Министерството во статусот на Фејсбук.