Продолжување на рокот за кризна состојба до 30 јуни 2021 година бара Владата од Собранието. Одлуката ја донесе вчера на седница врз основа на предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи. Земјава и сега се наоѓа во 30-дневна кризна состојба која треба да заврши на 19 декември. Министерот за здравство Венко Филипче вчера во емисијата „Клик” на телевизија 21 изјави дека она што сега се случува во земјава е сериозно намалување на притисокот на пациентите кон болниците, но оти се многу внимателни бидејќи многупати досега се покажало дека вирусот е многу непредвидлив
– За разлика од првите недели од ноември кога обезбедувавме нови одделенија и болнички кревети, сега речиси еднаков е бројот на новопримени и бројот на испишани пациенти. Факторот на преносливот од почетокот на номеври кога беше еден ипол, сега е некаде околу еден во зависност од бројот на напаравени тестови што ни дава за право да кажеме дека ситуацијата на некој начин се смирува. Далеку е ова од ситуација кога дефинитивно можеме да кажеме – можеме да здивнеме. Ситуацијата оди кон тоа да се стабилизира и понатаму. Многу сме внимателни бидејќи многупати досега се покажа дека вирусот е многу непредвидлив. Не знаеме што може да очекуваме. Немаме параметари врз основа на кои можеме со сигурност да дадеме прогноза како ќе оди ситуацијата понатаму, рече Филипче.
Според директорката на Инфективната клиника во Скопје, Милена Стефановиќ очекувано е бројот на смртни случаи да биде поголем со оглед на бројката на новодијагностицирани и бројот на хоспитализирани пациенти.
– Ако ги следите и светските трендови ќе видите дека со зголемувањето на бројот на нови случаи и пополнувањето на капацитетите, бројот на смртни случаи расте. Она што ние го правиме е максимална транспаретност и отвореност кон јавноста во однос на секоја бројка, па и бројката на смртност. Се соочуваме со исклучително тешки пациенти на самиот прием кога е навистина тешко да се помогне и да се спаси пациентот, но исто така и гледаме пациенти кои се добро следени и лекувани по осум недели и на крај сме ја изгубиле битката за секунда, рече Стефановиќ.
Ниту еден пациент не се враќа дома без да се прегледа, нагласи Стефановиќ.
Стастистиката на здравствените институции покажа дека во изминатите 24 часа се евидентирани нови 1069 случаи од направени 3012 тестирања. Министерството за здравство информираше за 29 починати лица и за 1242 оздравени пациенти.
Сите починати се во болнички услови. Седум починати се од Скопје, четворица од Прилеп и Гостивар, тројца од Куманово и Гевгелија, двајца од Битола и од Струмица и по еден од Тетово, Кавадарци, Радовиш и Неготино.
Најголем дел од новозаразените се од Скопје-489, по што следуваат Прилеп со 81, Куманово со 60 пациенти, Гостивар и Штип со 42, Охрид со 41, Кавадарци со 37 и Тетово, Струга, Велес, Битола и Кавадарци со по 37 нови случаи.