Миша Алексиќ, основачот на „Рибља чорба“ почина како последица од коронавирусот.
Кремирањето и последното збогување од легендарниот басист ќе се одржат денеска, на 2-ри декември, на белградските гробишта „Лешче“.
По тој повод членовите на бендот се огласија на официјалната Фејсбук страница и соопштија дека нема да присуствуваат на кремирањето на нивниот драг пријател и колега.
„Драги пријатели, тешко е да се најде некој кој го сака Миша повеќе од нас. И не можеме да се помириме со тоа дека повеќе го нема. Знаеме дека Миша почина како последица од подмолната и невидлива болест. Почина непотребно. Знаеме дека не го потценуваше ова зло. Носеше маска и се чуваше. Правевме планови за иднината за која верувавме дека ја имаме. Злото наречено коронавирус и понатаму е меѓу нас, повеќе од било кога и затоа сметаме дека е наша обврска да ве известиме дека членовите на ‘Рибља Чорба’ нема да присуствуваат на кремирањето. Веруваме дека ниту Миша не би дозволил да се загрози било чие здравје или нечиј живот. Кога оваа чума ќе помине, заедно ќе го оплакуваме нашиот и вашиот Миша со концерт во негова чест. Бидете одговорни и здрави. Ве сака ‘Рибља чорба’“, пишува во соопштението.