Во рамки на честувањето на патрониот празник на Универзитетот “Свети Климент Охридски” денеска се одржа промоција на книгата „Ковид 19 и безбедноста, регионални предизвици и нови државни актери” од проф. д-р Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност-Скопје при УКЛО, проф. д-р Татјана Дронзина од Софискиот Универзитет и проф. д-р Драган Ѓукановиќ од Белградскиот универзитет во електронско издание на УКЛО и Фондацијата „Конрад Аденауер” од Германија.
Промотор на студијата ректорот на УКЛО проф. д-р Сашо Коруновски нагласи дека објавената студија прави анализа на влијанието на Covid -19 во Северна Македонија, Србија и Бугарија, како и регионалните безбедносни предизвици и соработка, со осврт на појавата на новите државни актери во меѓународните односи и геополитиката во услови на криза. Коруновски нагласи дека во книгата акцент е ставен на согледување на можноста за поттикнување подобра регионална соработка во период кога солидарноста меѓу земјите на ЕУ не беше на потребната висина на задачата што непосредно влијаеше врз надворешните односи во услови на вонредната состојба. Преку оваа книга според Ѓуровски се утврдија критични области во безбедносниот систем на Северна Македонија во кои се потребни итни промени, донесување нова законска регулатива, меѓу другото, и во делот на кризниот менаџмент и заштита и спасување.
-Преку итни промени во безбедносниот систем треба да се дојде до решенија за градење поефикасен безбедносен систем каде интегрален дел е управувањето со кризи и заштитата и спасување во Северна Македонија и, секако, креирање соодветна безбедносна политика за превенција, рано предупредување и навремена процена на ризици и закани и целосна координација на сите институции. Безбедносниот систем на Северна Македонија во своите задачи треба да ја има превенцијата во контекст на намалувањето на ризиците од катастрофи и обединување на превентивните активности на сите институции кои се инволвирани со системот за управување со кризи и системот за заштита и спасување, вели Ѓуровски.
Се препорачуваат мерки и активности со цел да се надминат констатираните слабости во менаџирањето на вонредната состојба поради пандемијата. Во регионалната публикација е согледана и појавата на безбедносни предизвици како резултат на несоодветното рано предупредување и превенција од меѓународните и регионални политички и воени организации. Меѓу другото, се наведува, посебен фокус е ставен на потенцијланото враќање на новите државни актери како НР Кина во Европската унија и особено земјите од Балканот под превезот за директна помош кон загрозените семејства и држави, без притоа да се согледа одговорноста која ја има за состојбата која ескалираше во целиот свет.
Тема во публикацијата е справување со хибридни закани и лажни вести за време на Ковид -19 како потенцијална безбедносна закана и ризик по стабилноста.
Во студијата се даваат препораки за секоја земја која е предмет на анализа во публикацијата, како и за С Македонија врз основа на начинот на справувањето со пандемијата во вонредната состојба за промени и надградување на системот за безбедност и управување со кризи
Вонредната состојба за време на пандемијата ги исфрли на виделина критичните области во безбедносниот систем на С Македонија во кои се потребни елементи за позитивна промена, меѓу другото, и во делот на кризниот менаџмент и заштита и спасување, се наведува во публикацијата.