Шкендија им „пукна петарда“ на „лавовите“

Лидерот во македонскиот фудбалски шампионат, тетовска Шкендија и пукна „петарда“ на Македонија ЃП  (5:0) во дербито од 14. коло. Шкупи овој пораз на „лавовите“ го искористи со  триумфот против фенерџијата Беласица од 3-1, да се врати на второто место во трката за шампионската титула.

Шкендија го одиграа можеби најдобриот меч сезонава и за нешто повеќе од половина час игра ја заврши работата со гостите од „Ѓорче Петров“ на кои во овој период трипати им ја затресе мрежата и го реши прашањето околу победникот. Младиот Дашмир Елези, кој влезе во историјата на македонскиот фудбал како најмлад дебитант и стрелец на гол пред едно коло кога даде гол во ремито со Шкупи на 16 години и еден ден, денеска по 11 минути ја најави победата на тетовци, а Љупчо Дориев и Бесарт Ибраими во четири минути во средина на првиот дел додадоа уште два за  сигурна победа. Валмир Нафиу и Енур Тотре со два гола во 88 и  90  минута се потрудија триумфот да биде уште поубедлив.

Дембо Дарбо со два гола го врати Шкупи на победничкиот колосек после три ремија во низа, па Беласица денеска беше лесен плен за чаирчани, за кои прв сезонски погодок даде и костариканецот Фреди Алварез.

Борец со пресврт во последните 15 минути успеа да избие на четвртото место во пресметката со Струга, за да ги прескокне на табелата. Никола Прелчец во 74-та и Трајче Трајков во 86-та дадоа два гола за триумф со 2-1, откако стружани по 51-та минута водеа со гол на Абдулхади Јахја и тоа во момент кога беа со фудбалер помалку после исклучувањето на Бунјамин Шабани три минути пред полувремето.

Силекс врза втора победа во низа, па денеска го победи првакот Вардар со 1-0, иако кратовци цело второ полувреме го одиграа со фудбалер помалку, но Денис Ристов во 51-та минута го искористи моментот за да победи со 1-0 и со тоа да ги прескокне црвено-црните на табелата.

Ренова ја запиша втората победа во низа и Ќатип Османи го препороди тимот, кој вторпат за три дена стигна до минимална победа со 1-0, кога Шефит Шефити погоди, а до триумф дојде и Работнички против Пелистер за дебармаалци конечно да се израдуваат после подолга пауза, а да ја продлжат мизеријата на битолчани.

ПРВА ЛИГА, 14. КОЛО

Шкендија – Македонија ЃП 5-0 (3-0)

Елези 11, Дориев 35, Ибраими 39, Нафиу 88, Тотре 90

Шкупи – Беласица 3-1 (2-0)

Дембо 27, 82, Алварез 42 – Ивановски 60

Работнички – Пелистер 1-0 (1-0)

Ѓурѓевиќ 45 п.

Силекс – Вардар 1-0 (0-0)

Ристов 51

Академија Пандев – Ренова 0-1 (0-0)

Шефити 73

Борец – Струга Трим Лум 2-1 (0-0)

Прелчец 74, Трајков 86 – Јахја 51

ТАБЕЛАШкендија 30 бода, Шкупи 28, Македонија ЃП 26, Борец 22, Струга Трим Лум 20, Силекс 20, Вардар 19, Работнички 17, Ренова 14, Пелистер 12, А. Пандев 10, Беласица 9.

Треба да знаете
Последни објави