Филмскиот режисер Стивен Спилберг презеде правни дејствија против Сара Чар, за која тој тврди дека го вознемирувала неколку месеци, па дури и му се заканувала дека ќе го убие, што предизвикало страв за неговата безбедност, како и за безбедноста на неговата сопруга Кејт Кепшоу и остатокот од нивното семејство.
Според документи до кои дојде порталот „ТМЗ“, полициски службеници го информирале 73-годишниот режисер дека жената се обидела да купи пиштол за да го убие, и тврделе дека таа е уапсена за казниви закани, вознемирување и демнење.
Спилберг претходно откри дека добил порака на Твитер од Чар, која гласела: „Ако треба лично да УБИЈАМ луѓе за кражба на мои ИП-адреси …јас тоа ќе го сторам. Ме сфаќаш ли?“
Судот му одобри на Стивен привремена наредба со која на жената ѝ се забранува да му се приближи на растојание помало од 100 јарди (91.4 метри).