На Млад отворен театар вечер гостува Ателје 212 од Белград со две изведби (18 и 20 часот) на претставата „Лоунли планет – туристичка тура низ дис(у)топија” во Младинскиот културен центар.
Пет писатели – Маја Пелевиќ, Олга Димитријевиќ, Тања Шљивар, Игор Коруга и Димитрије Коканов се автори на текстот и се изведувачи на претставата.
– Таа е настаната за време на карантините, со желба да се промисли театарот како уметничката практика која во пандемијата стана нужно одвишок и невозможна. Напротив, ние сакавме да покажеме дека е возможно да се напрви претстава и да се изведе во околности почитувајќи ги сите заштитни мерки пропишани во тие моменти. Оттаму дојде идејата да ги користиме сите можни простори во театарот, освен регуларниот сценски простор. Петте различни простори овозможуваат движење на ограничен број на публика низ театарот, и така ги почитуваме мерките на потребното дистанцирање, вели Димитрије Коканов од Ателје 212.
МКЦ посочува дека „Лоунли пленет” се изведува на отворени и затворени простори, околу и во театарската зграда, намерно избегнувајќи го класичниот сценски простор, односно самата сцена. Преку колажната структура од пет авторски и изведувачки гласови, кои се испреплетуваат и се провираат едни со други, наведува МКЦ, уметниците ја водат соодветно оддалечената публика на туристичка турнеја низ двете страни на паричката на утопијата и дистопијата на нашето (театарско) секојдневие.
– Театрите беа првите што ги затворија своите врати на почетокот на епидемијата. Светот и пред тоа беше неправеден, ранет и неподнослив. Култното Ателје 212 се обидува оваа тешка состојба да ја преврти во тотална спротивност. По „Стеријино позорје”, денес на МОТ. Со публика, додава МКЦ во најавата за распродадената претстава на МОТ.
Млад отворен театар наместо денеска ќе заврши на 6 декември поради измени на термини во фестивалската програма.