Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рајчел Галовеј, ја потпишаа Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, на свечена церемонија организирана по тој повод.
„Денес одбележуваме крунисување на еден долг, значаен процес, започнат уште пред три години, а кој претставува суштински израз на вредностите на Дипломатијата да создава можности и потенцијали за бизнисите, за општествата и воопшто за граѓаните”, истакна Османи.
Обединетото Кралство, во изминатите десет години прерасна во еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија и меѓу десетте најголеми извозни и увозни дестинации на нашта земја. Зборувајќи во таа насока, како и за можностите кои овој Договор ги нуди, Османи потенцираше:
„Договорот значи потенцијал за бизнисите да ја зголемат економската активност меѓу двете земји, тоа ќе значи потенцијал и за останатите бизниси да оформат нови релации на соработка ослободени од бариерите на границите; ова е потенцијал и за нови британски инвестиции овде во Северна Македонија, за нови работни места, за поголема активност и на домашните компании и секако, потенцијал за севкупен економски напредок што претставува круна на одличните односи меѓу двете земји”.
„Во овој период, кога нашите амбиции за членство во Европската Унија се исправени пред сериозни предизвици, никој од нас не е среќен што Обединетото Кралство ја напушта Унијата, но сметам дека претставува вистинска дипломатска победа тоа што денес потпишуваме договор со кој ги зацврстуваме нашите односи и поставуваме темели за уште подлабока и поширока економска и политичка соработка”.
За време на церемонијата на потпишување на Спогодбата, свое обраќање имаше и Aмбасадорката на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, Рејчел Галовеј, а преку видео-линковско вклучување се обрати и Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија со Западен Балкан на Премиерот, Борис Џонсон.