Намибија објави дека продава 170 слонови поради зголемените конфликти меѓу луѓето и животните од тој загрозен вид.
Вчера беше објавен оглас во владиниот весник, во кој се нудат 170 слонови од „голема вредност“ на продажба и се повикуваат домашните и меѓународните купувачи да се јават.
Оваа слабо населена земја и погодена од суши во јужна Африка има околу 28.000 слонови, според министерот за животна средина Похамби Шифети. Одлучено било дел од нив да се продадат, откако била утврдена потребата да се намали популацијата поради сушата и зголемувањето на нивниот број, што доведува до конфликти меѓу овие животни и луѓето.
Владата одлучи да продаде слонови од повеќе причини, особено затоа што нивниот број расте, изјави тој за АФП.
„Некои земји се пожалија дека Намибија убива слонови -мажјаци. Наместо тоа, решивме да ги продадеме по истражувањето“, рече Шифети.
Кога земјата се стекна со независност во 1990 година, бројот на слонови падна на околу 5.000, но тој значително се зголеми по воведувањето на програмата за заштита, која беше поздравена во светот.
Според објавата за продажба, цели стада ќе бидат фатени за да се спречи млади животни да останат напуштени.
Шифета предупреди дека Намибија ќе се погрижи земјата што ги купува да ги исполни соодветните услови.
За да се дозволи продажбата, барањата на Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на флора и фауна (CITES) мора да бидат исполнети во земјата извозник, како и во земјата увозник.
Намибија во октомври објави дека продава и 100 диви бизони.
Во мај 2019 година, откако прогласи состојба на природна катастрофа поради суша, Намибија понуди на продажба околу илјада животни, вклучувајќи 600 бизони, 150 јужноафрикански газели, 60 жирафи и 28 слонови. Целта, според Министерството за екологија, била да се ограничат загубите на животни и да се добијат 1,1 милиони долари за зачувување на видовите.