Премиерот Зоран Заев денеска присуствуваше на промовирањето фотонапонската централа на ЕВН Македонија, АД Скопје, во неготинско Војшанци. Тој упати честитки за завршената работа и рече дека му е чест и задоволство што присуствува на овој настан, нагласувајќи дека инвестицијата е изградена во рекордно време со најсовремена технологија на двострани панели, кои произведуваат електрична енергија преку директна изложеност на сончевата светлина.
-Станува збор за успешно реализиран проект во рамките на јавниот повик на Министерството за економија кој беше објавен во почетокот на август минатата година, за доделување на премии за електрична енергија произведена од фотонапонски централи на приватно земјиште. Тоа го означи и почетокот на еден нов инвестициски циклус во делот на обновливите извори на енергија во нашата земја.
На овој тендер наместо да дадеме премиуми, државата инкасираше 2,8 милиони евра заради претходната организација којашто Министерството за економија и Владата и владините институции ја направија како претходна подготовка, за да може да се реализираат успешно тендерските постапки за коишто во повидок ја гледаме денеска првата фотонапонска централа, рече Заев.
Тој нагласи дека еден од главните приоритети на Владата е подобар квалитет на животот на своите граѓани, со посебен акцент на инвестициите во енергетскиот сектор, преку политиките кои овозможуваат промоција на обновливи извори на енергија, како и унапредување на енергетската ефикасност. Во таа насока, додаде, во стратегијата за енергетика е обезбедена регулатива и политики за максимално искористување на обновливите извори, во насока на постигнување на националната цел за одржлив развој, заштеда на енергија и квалитетна животна средина.
-Еден од најголемите фокуси од областа на економијата ни е енергетиката и реално направено е многу. Тоа го потврдува и нашето рангирање како земја на прво место во регионот на Западен Балкан за напредок и исполнување на енергетските реформи согласно Извештајот за одржлив развој на ЕЕЗ. Со донесениот Закон за енергетика и имплементација имаме практични реализации на проекти за замена на загадувачките ресурси во производство на електрична енергија, со обновливи извори на енергија, рече премиерот.
Тој информираше дека се скратени временските рамки за поставување фотоволтаици и ветерници за замена на јаглените централи со поеколошки и обновливи извори на енергија.
-Поставени се нови 62,5 мегавати фотоволтаици коишто се во фаза на изградба по пат на јавно приватно партнерство и денеска првата фотоцентрала ја пуштаме. До овие 62,5 мегавати како што рече министерот Бектеши , во следните шест месеци очекуваме комплетна реализација на сите овие проекти, истакна Заев.
Тој рече дека заврши и првиот дел од постапката за инсталација на 100 мегавати фотонапонска електрана во Осломеј.
-Таа заврши успешно, имаме најмалку две фирми, сега следува процесот на јавна лицитација која што за нас е гаранција за еден вака мега проект на јавно приватно партнерство, како што е и овој од 100 мегавати, веруваме дека ќе заврши успешно, каде што државата најмалку очекува 10 проценти заради ресурсите коишто ги нуди. Се гради 10 мегавати од сопствени пари од страна на ЕСМ во стариот рудник Осломеј, сега се градат фотонапонски централи. Пред склучување на договори сме за нови 10 мегавати во Осломеј и нови 20 мегавати во РЕК Битола. Дополнително успешно завршија постапките во Кочани за 8 мегавати за изградба на фотоволтаици. Се мерат за ветерници за вкупна количина од 400 мегавати на потегот Крива Паланка – Куманово, инвестиција потенцијално вредна 500 милиони евра, соопшти Заев.
Тој информираше за три засебни проекти од вкупно 90 мегавати на странски инвеститори, се реализираат ветерници во Богданци, во Демир Капија и во Свети Николе.
-Истовремено се подготвуваат локации од 50 мегавати во Дебарца и дополнителни уште 100 мегавати по територијата на целата наша земја. Како што рече министерот за економија, наш таргет е 400 мегавати фотоволтаици и 200 мегавати ветерници во државава, 630 мегавати се трите блока на РЕК Битола, за да имаат граѓаните само во предвид споредба за тоа што во моментот се случува во нашата земја.
Паралелно на тоа разговараме за инвестиција во гасни централи надвор од татковината и дома. Како што знаете, во тек е постапка на преговори и разговори за инвестирање во вкупна вредност од 25 проценти на 800 мегаватна гасна централа во Александрополис во Грција и 10 проценти учество на Република Северна Македонија во гасниот терминал во Александрополис, вкупната наша инвестиција ќе биде помеѓу 30 и 35 милиони евра. Разговараме со реномирани светски компании за инвестирање на гасни централи по територијата на земјата, како што е на територијата на Битола, овде во Неготино но и во Скопје, фирмите се Џенерал Електрик, Илинеос од Грција и многу други фирми, соопшти премиерот.
Тој додаде дека еден од главните проекти за вакви обновливи извори на енергија е и постапката на изработена физибилити студија за ставање во функција на ТЕЦ Неготино во Неготино.
-Но, и финализацијата на проектот за производство на зелена енергија којашто оди по пат на стратешко партнерство во државата, овде во Неготино, за реализација на зелена енергија од собирањето на сметот на најсовремени капацитети, коишто произведуваат зелена енергија по примерот на европските земји.
На Неготино ќе му се случат многу убави работи во периодот којшто претстои за тоа што го разговараме, но и на РСМ ќе и се случат. Зошто? Заради тоа што нема поважно од здрава животна средина, нема поважно од стратешкиот дел на државата – замена на јагленот со обновливи извори на енергија и секако нема поважно од економски инвестиции коишто ќе носат економски просперитет за сите во нашата земја, рече Заев.
Тој потенцира дека ЕВН како партнер на државата, како пример за инвестиции во енергетиката, ги исполнува своите годишни планови за инвестирање од околу 30 милиони евра во РСМ.
-Овој проект е само еден од нивни инвестиции коишто ги прават на целата територија на нашата земја, посебно во делот на унапредувањето и на квалитетот на дистрибутивната мрежа која што испорачува електрична енергија до сите наши граѓани, рече Заев.
Тој и честита на ЕВН Македонија за брзата реализација на инвестицијата.
-Сакам денеска навистина овој почеток на оваа голема значајна стратегија во функција на обновливите извори на енергија да ја искористам како можност да им честитам на ЕВН Македонија за навистина брзината во реализацијата на овој прекрасен инвентивен проект од областа на обновливите извори на енергија, на министерот Бектеши, на министерот Нуредини, на градоначалникот, секако исто така и честитки за брзината на реализацијата, нагласи претседателот на Владата.
Тоа само по себе, рече, испраќа порака до сите инвеститори во РСМ.
-Дека не само што е профитабилно да се инвестира во обновливите извори за енергија во земја која што има 280 дена сончеви, доволно светлина за производство на електрична енергија и го има навистина еден од најубавите пикови на светлина во регионот и на Европскиот континент, претставуваме привлечна дестинација за ваквите инвестиции коишто носат вин вин ситуација, односно победничка ситуација за сите. Нека е со среќа и нека се множат ваквите проекти ширум територијата на РСМ, нагласи премиерот.
Пред присутните се обрати и министерот за економија Крешник Бектеши.
-Не поминаа ни две години од кога почнавме да работиме многу напорно заедно со претседателот на Владата во делот на трнсофрмацијата во енергетскиот сектор во нашата држава. Ако се навратиме наназад ќе приметите дека усвоивме нов Закон за енергетика, усвоивме Закон за енергетска ефикасност каде што се транспонирани речиси сите директиви од ЕУ, се со цел да ги поттикнеме токму ваквите инвестиции. Имавме успешен спроведен тендер кадешто учествуваа стотици компании а веќе ја имаме првата фотонапонска централа, рече министерот.
Тој информираше дека во наредниот период во наредните мшест месеци ќе бидат изградени над 23 фотонапонски централи и во приватно земјиште и во државно земјиште со капацитет над 60 мегавати.
-Ова покажува дека во изминатите 20 години во Северна Македонија имаше изградено не повеќе од 20 мегавати. Само за две години согласно новите политики на оваа Влада успеавме да напраивме фотонапонски централи од 60 мегавати само од страна на јавните повици кои ги спорведуваше Министерството за економија, рече Бектеши.
Тој соопшти дека во финална фаза е изградбата на слична напонска централа во Осломеј.
-Исто така при крај е процедурата за фотонапонската централа во Битола, а секако дека преку јавно приватно партнерство ќе изградиме 100 мегавати и во стариот рудник на Осломеј. МЕ секогаш ќе биде партнер на сериозни инвеститори како што е ЕВН Македонија кои во рекордно време успеаја да ја изградат оваа инвестиција во нашата држава која секако ќе придонесе во заштита на животната средина. Нашата стратегија е во овој мандат да изградиме речиси 400 мегавати фотонапонски централи во нашата држава која ќе ја намалува зависноста на нашата држава што се однесува до увоз на електрична енергија, а со тоа секако ќе ги зголемиме и капацитетите во нашата држава каде што ќе се трансформира во зелена енергија, нагласи министерот.
Штефан Петер, претседател на Управен одбор во ЕВН Македонија, во своето обраќање пред присутните, рече дека поминаа скоро 15 години откако ЕВН инвестираше во еколошко производство на електрична енергија со своите 11 хидроцентрали низ цела Република Северна Македонија.
-Денес со оваа фотоволтаична централа го обновуваме нашиот придонес за одржлива енергија без емисии. Има инсталирана моќност од 1,5 мегавати, големината е на две фудбалски игралишта и бидејќи Неготино е сончево место со повеќе од 2.400 сончеви часови годишно, ќе произведува истата 2,1 гигават часови што е доволно за потребата на електрична енергија за околу 300 домаќинства.
Но, постои и една иновација што треба да се открие, што е направена за првпат во Македонија. Кога ќе се приближите ќе видите дека земјата е покриена со бел чакал. Ова не е за подобар изглед, туку поради тоа што белиот чакал ја рефлектира сончевата светлина на долната површина на модулите од фотоволтаиците. Овие модули со двофацијални што значи дека имаат фотоволтаични клетки од двете страни. Тоа значи дека во сончеви денови електричната енергија се произведува со директно значење, но и дополнително 10 проценти со рефлексија на задната страна од фотоволтаикот, рече Штефан Петер.
Тој се заблагодари на Владата за нејзината стратегија за зелена енергија, на министерот за неговиот успешен тендер што ја овозможи оваа инвестиција.
-Сакам да му се заблагодарам и на градоначалникот, на добрата администрација и на крај на моите колеги за брзата техничка реализација. Оваа фотоволтаична постројка беше подигната во рекордно време за помалку од четири месеци, од израмнување на земјата до последната инсталација. Со тоа е докажано дека јавно приватното партнерство може да се направи на најефикасен начин. Тоа е соработка за еколошка енергија и за почист воздух во Северна Македонија, нагласи Штефан Петер.