Во Делчево се одржа последната крводарителска акција за 2020 година. Организатор на акцијата беше Општинската организација на Црвен крст Делчево, од каде констатираа дека е исполнет годишниот план за крводарување и во услови на Ковид-19.
-Денеска се одвива последната акција за оваа година во Делчево на која ни се исполнија очекувањата за собрани крвни единици. Со денешната акција се исполнува и планот за крводарителство за 2020 година. Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите крводарители, кои го остварија своето право, даруваа крв, помогнаа и со тоа ја покажаа својата хуманост во рамки на досегашните акции, истакна Ивана Атанасовска од Црвен крст Делчево.
Последната крводарителска акција предизвика голем инетерес и кај помладата и кај постарата популација. Делчевецот Трајче Иванов рече дека крв дарува по 11 пат, а прв пат дарувал крв во 2011 година. По дарувањето крв се чувствува подобро, а на помладите им порача да не се двоумат и да станат крводарители.
Меѓу крводарителите беше и Младен Атанасовски од Делчево кој денеска крв даруваше по 83 пат.
-Прв пат дарував во средно училиште во Штип во 1984 година. Тие што не дарувале да почнат да даруваат затоа што е добро за здравјето. Оваа година само не успеав да бидам редовен, бидејки бев во странство, инаку на секои три месеци дарувам, прво за мое здравје, а потоа и да помогнам некому, истакна Атанасовски.
Општинската организација на Црвен крст Делчево за утре ја најави и последната крводарителска акција, која ќе се спроведе со граѓанството на М.Каменица. Акцијата во Македонска Каменица ќе се одвива во Домот на културата со почеток од 9 часот, а ќе се спроведе во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Штип, кои и денеска во Делчево технички ја реализираа акцијата за дарување крв.