Данска и Холандија се двете земји кои се приклучија кон бугарското вето за Северна Македонија, изјави дипломатски извор за бугарскиот весник „24 часа“.
Изворот на весникот тврди дека и да нема спорни прашања за Македонија, постои големо неодобрување за преговарачката рамка за Албанија.
Откако Бугарија го блокираше почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, за време на состанокот на ниво на амбасадори во Брисел, прашањето повторно ќе биде отворено на состанок на 7-ми декември. За следниот ден е закажан Советот за општи работи, на кој повторно ќе се дискутира за процесот за преговори на Северна Македонија.
Пред два дена Комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, побара од Северна Македонија да вложи напори за изнаоѓање на решение со Бугарија. Во меѓувреме тече состанокот на мешовитата комисија за историски прашања, а македонската Влада продолжува со напорите да се договори со Софија и да oвозможи почеток на преговорите со Унијата.