Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе одржи тематска прес-конференција, поврзана со заклучоците од министерскиот состанок на ОБСЕ одржан на 3 и 4 декември во Тирана.
Прес-конференцијата ќе се одржи во 14 часот во просториите на МНР.
На годишниот министерски совет на ОБСЕ што се одржа вчера и денеска во Тирана, беше најавено дека ќе се разгледува кандидатурата на С Македонија за претседавање со организацијата во 2023 година.
Кандидатурата е на предлог на македонското МНР, а со одлука на Владата. Османи во текот на ноември соопшти дека со писмо го известил премиреот на Албанија Еди Рама, сегашен претседавач на ОБСЕ, со што и формално нашата кандидатура ќе биде ставена на дневен ред на декемврискот состанок на Организацијата. С Македонија годинава одбележа 25 години од членството во ОБСЕ и ова е прва кандидатура за претседавање со организацијата.
– Претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе кон едно ново, подобро меѓународно позиционирање на Република Северна Македонија како конструктивен актер и контрибутор во промоција на заложбите на ОБСЕ, а индиректно ќе се создаде и можност да се манифестира институционален капацитет кој се очекува од земја членка на НАТО и идна земја членка на ЕУ, истакна тогаш Османи.
На годишниот министерски совет на ОБСЕ во Тирана се очекува земјите членки да постигнат договор за избор на неколку најважни позиции во оваа најголема регионална безбедносна организација.