Во пораката објавена денес на социјалните мрежи, Доминик Строс-Кан, поранешниот француски министер и поранешен Генерален директор на ММФ, објави дека се подготвува документарец за неговата кариера. „За прв пат прифатив во документарен филм да се навратам на целата моја лична и професионална историја од француската политика до меѓународните сфери. Овој филм, во моментов во продукција, ги следи настаните што го одбележаа мојот живот”, објаснува поранешниот директор на ММФ, јави дописникот на МИА.
Филмот „ќе се појави на екраните во есента 2021 година“, вели тој. Во филмот „ДСК” има намера да се врати на таканаречената афера „Софител” во Ау Јорк во 2011 година, која сè уште останува и денес како еден од најголемите политички-сексуални скандали во француската политика. Доминик Строс-Кан беше обвинет за сексуален напад од страна на собарка, Нафисату Диало. Ако никогаш не резултираше со осуда, случајот ги прекина брутално амбициите на поранешниот министер за економија, кој сонуваше да стане претседател на Француската Република.
– Никогаш не ја дадов мојата верзија за настаните што го одбележаа моето повлекување од политичкиот живот. Другите го сторија тоа за мене, зборувајќи со исечоци од печат, интервјуа и вистински или претпоставени факти. Дојде време да се изразам, рече Доминик Строс-Кан.
Но, ДСК не сака да зборува само за минатото, а исто така ќе даде перспективи … за иднината.
– Надвор од различните лични, политички и медиумски епизоди од мојот живот, јас ги споделувам во овој филм моите грижи и моите предлози за тешката иднина што не чека, вети тој.
Најавата за овој документарец доаѓа само три дена пред првата епизода од серијата „Соба 2806″ на Нетфликс, исто така посветена на случајот. Покрај новинарите и експертите, на екранот треба да се појави и Нафисату Диало, која исто така ја споделува нејзината вистина. Документарецот за ДСК, кој доаѓа по серијата на Нетфликс, може добро да послужи како против-удар.