Над 100 лица денеска се приведени во Атина, во повеќе одделни случаи, поради забраната за секаков вид собири на четири или повеќе лица на одбележувањето на 12-годишнината од убиството на тинејџерот Алексис Григоропулос, јави дописничката на МИА од Атина.
Полициското присуство беше оромно во грчката метропола, особено во населбата Ексархија, каде што во 2008 година беше убиено тогаш 15-годишното момче од страна на полицаец.
При секаков обид за собир, полицијата експресно интервенираше, а во еден случај, употреби и шок бомба, бркајќи неколкумина демонстранти кои претходно се обидоа со платнен транспарент да протестираат, а потоа побараа засолниште во една од околните згради.
Пристапот до местото каде што беше убиен Григорпулос е забранет за сите, дури и за новинарските екипи.
Членови на организации и здруженија, кои се обидоа, мирно да пристигнат до местото и да остават цвеќе, наидоа на полициски блокади, а веднаш потоа беа и приведени.
Грчката полиција вчера соопшти дека „поради апсолутната потреба за справување со сериозната опасност по јавното здравје и во рамките на вонредните мерки за справување со ширењето на Ковид-19″, од пет часот утрово, за да се избегнат традиционалните масовни протести, забранети се собири на четири или повеќе лица, а за прекршувачите се предвидени казни од 300 до 5.000 евра.
Паралелно освен забраната, Атина е под строги безбедносни мерки, со затворени десет метро станици, ангажирани над 4.000 полицајци, дронови, хеликоптери и цистерни со вода за растерување демонстранти.
Секоја година, на 6 декември во Атина, но и во други грчки градови, се одржуваат масовни протести во чест на Григоропулос и против полициското насилство, со оглед на тоа дека во 2008 година, момчето беше смртно застрелано од полицаец, но оваа година, поради карантинот изостанаа собирите.