Поранешниот шпански фудбалски репрезентативец Андрес Иниеста денеска призна дека има мали шанси да му се приклучи на Чави Ернандез во стручниот штаб на Барселона.
Иниеста и Чави играа заедно како професионални фудбалери во Барса. Чави сега е тренер на каталонскиот клуб, додека Иниеста кој и натаму е активен на терените, настапува за јапонскиот Висел Кобе.
– Мислам дека е многу тешко. Луѓето замислуваат различни работи бидејќи со години нè гледаа како играме заедно. Би било навистина убаво и добро, но нешто такво е комплицирано. Тој е тренер, а јас сум сè уште активен фудбалер. Важно е Чави да си ја заврши работата и да ја врати Барселона онаму каде што заслужува да биде – рече Иниеста.
Тој го посети тренингот на Барселона за време на паузата за Светското првенство во Катар.
– Убеден сум дека Барселона може да ја освои титулата оваа сезона. Го завршија настапот во шампионите, тоа беше удар за сите, но останаа во други натпреварувања. Добро им оди во Ла Лига, има уште многу натпревари, но убеден сум дека ќе ја освојат титулата. Со Реал ќе се бори до крај. Тука се и Сосиедад, Бетис, не е лесно во Ла Лига. Нивото на конкуренција е високо. Сепак, Барселона мора да одржи високо ниво – вели Иниеста.