Индиски институт за серум бара итно одобрување на вакцината на „АстраЗенека“

Институт за серум во Индија, најголемиот светски производител на вакцини, побара итно одобрување за употреба на вакцината на „АстраЗенека“, рече извршниот директор.

Експерименталната вакцина може да се чува на температура помеѓу два и осум Целзиусови степени и може полесно да се дистрибуира низ Индија, која има најмногу потврдени инфекции со коронавирус по САД.

Потегот на Институтот за серум дојде откако „Фајзер“ упати слично барање за авторизација на својата вакцина.

Извршниот директор на индискиот Институт за серум „Адар Пунавала“ објави на „Твитер“ дека овој потег ќе спаси безброј животи, но не даде други детали.

Медиумите претходно објавија, повикувајќи се на индиската агенција „Прес траст“ (ПТИ), дека Институтот за серум испратил барање до индискиот регулатор на лекови поради незадоволени медицински потреби во пандемијата и интересите на пошироката јавност.

Во барањето на компанијата се наведува дека податоците од четири клинички испитувања – две во Британија и по едно во Бразил и Индија – покажуваат дека вакцината е многу ефикасна против Ковид-19, објави ПТИ.

Водечки владин советник за коронавирус викендов во телевизиско интервју изјави дека „Фајзер“ побарал итно одобрување за употреба на својата вакцина и со тоа станал првиот што го сторил тоа во Индија.

Треба да знаете
Последни објави