Стопанската комора на Македонија, со прес-конференција која се одржа во просториите на компанијата „Брако“ во Велес, ги започна активностите кои во текот на декември ќе се организираат во насока на сумирање на видувањата за македонското стопанство и за тоа како можеме да изградиме посилна економија во периодот на постковид 19.
– Неспорно е дека изминатите 10 месеци поставија сериозни предизвици пред македонските компании, а истовремено неспорно е и дека состојбата во која во моментов се наоѓа македонската економија е тешка, но не е драматична како што се стравуваше во почетната фаза на пандемијата. Различни сектори и дејности беа различно погодени и сѐ уште се под влијание на здравствените и на економските последици од пандемијата. Особено во првите месеци состојбата предизвикана од пандемијата отвори повеќе прашања кои го отежнаа работењето на компаниите (вклучувајќи ги целосните забрани за вршење на дејноста на определени сектори и дејности; проблемите за одржување на коридорите за снабдување со суровини и со репроматеријали, но и за извоз на готовите производи; намалениот обем на нарачки од европските партнери, но и проблемот со одржувањето на ликвидноста на компаниите). Но, во исто време, кризата извади на површина и некои од долгогодишните структурни слабости на македонската економија, меѓу кои се вбројуваат и трендот на деиндустријализација, кој е присутен во последните децении, влошувањето на структурата на факторите за креирање БДП, но и недостигот од континуитет во креирањето одржлив модел за економски раст – посочи д-р Татјана Штерјова-Душковска, директор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори во Стопанската комора на Македонија.
Душковска-Штерјова посочи дека тргнувајќи од премисата дека кризата е и шанса, освен тековните чекори кои треба да обезбедат полесно надминување на ситуацијата поврзана со КОВИД 19 за македонското стопанство, Комората смета дека сега е вистинско време да се започнат разговорите и за некои од долгорочните системски прашања, кои на среден и на долг рок треба да придонесат за посилна македонска економија во периодот на постоковид 19. Од сите овие причини, на крајот на октомври се иницираше активност за сумирање на видувањата и на предлозите на стопанствениците, но и на стручната и на научната јавност, во однос на две клучни прашања – како ги оценуваат тековната состојба и клучните ризици во постојниот период, но и кои насоки и чекори ги предлагаат за справување со тековната состојба предизвикана од пандемијата, но и во периодот на постковид 19.
Работниот материјал „Македонската економија во тековниот период и во периодот на постковид 19“ ги сублимира темелните констатации, предлози и видувања во однос на наведените прашања. Во документот се содржани видувањата на членовите на различните органи и тела на Комората. Тој е поддржан од потпретседателите и од Управниот одбор на Комората, а од денес започнува и процесот на консултации со компаниите членки на Комората, кои во идните недели ги повикуваме да ги доставуваат своите ставови, размислувања и предлози во врска со насоките на дејствување и со приоритетните развојни прашања содржани во овој документ. Тој ќе биде разгледан и од Собранието на Комората, со што ќе се заокружи процесот, прашањата што се поставуваат во овој документ ќе бидат дел од програмските определби за работењето на Комората во следната година, а истовремено тој ќе биде и основа на почетокот на следната година со Владата и со надлежните министерства да се започнат сериозни разговори во насока на постигнување на централното мото на нашата активност – посилна македонска економија во периодот на постковид 19 – посочи Штерјова-Душковска.
Потенцираше дека и во периодот што го обележа КОВИД 19 радува фактот што има домашни компании кои не ги намалија инвестициските активности и континуираните вложувања во истражувања и развој, како што е компанијата „Брако“.
Проф. д-р Кочо Анѓушев во своето обраќање посочи дека брошурата, која Стопанската комора на Македонија ја изготви, претставува прирачник за начините и за можностите за справување на економијата со сегашната состојба, но и со состојбата која следува во периодот на постковид 19. Економијата во моментов се соочува со сериозни предизвици и сите ние како стопанственици треба да се подготвиме за тоа како да се справиме со последиците по завршување на оваа состојба. Во фокус на брошурата се три „И“: инвестиции, извоз и институции. Инвестиции, поради тоа што цениме дека само преку инвестиции можат да се купат нови технологии, може да се подигне продуктивноста на нашето производство и да се индустријализира државата бидејќи друг избор немаме. Само така може да бидеме конкурентни во светот и да пласираме наши производи на други пазари, истакна проф. д-р Анѓушев.
– Како држава која не располага со големи природни ресурси, мора да се потпреме на индустријализацијата, технологијата и на човечкиот кадар. Индустријализацијата беше запрена во изминатиот период и токму сега е вистинското време да се насочиме кон неа. Токму во таа насока и првото „И“ се однесува на инвестиции во индустријализацијата, во согласност со мерките, законските прописи и со фондовите за поддршка на инвестициите и на иновациите, за кои цениме дека треба да продолжат и во следниот период. Извозните компании кои истовремено се и членки на Стопанската комора на Македонија треба да бидат поддржани со овие мерки бидејќи извозот е едно и единствено решение за тоа како државата да се справи со економските предизвици во периодот на постоковид 19. Извозот е тој што ја генерира и што ја движи македонската економија и затоа цениме дека треба да се преземат дополнителни мерки за да се поддржат компаниите во оваа насока. Третото „И“, пак, се однесува на институциите, кои се многу важни за сите овие активности функционално да се спроведат. Тие треба да им бидат партнери на компаниите во спроведувањето на економските политики, а од особена важност е сите институции да ги насочат своите средства кон домашните компании и на тој начин да ја потпомогнат домашната економија – додаде проф. д-р Анѓушев.
– Со државните задолжувања државата директно ја потпомага македонската економија, но и тоа задолжување има ограничување. Токму од таа причина потребно е да се задржи инвестицискиот циклус, да се работи на инфраструктурни проекти и да се развива стратегијата за јавно-приватно партнерство, со што ќе се обезбеди побрз развој како за државата така и за економијата во глобала. Во брошурата се наведени и сите други мерки, кои ние како бизнис-заедница сметаме дека се важни за одржување на економијата и за обезбедување раст и развој во иднина – посочи проф. д-р Анѓушев.
Тој додаде дека компанијата „Брако“, и покрај пандемијата, не застана со своите активности, туку, напротив, го зголеми бројот на вработени, ги задржа производствените капацитети и работи на дополнителни инвестиции во износ од 8 милиони евра, кои ќе се реализираат во наредниот период, со што се очекува годинава да ја заврши со позитивни резултати. Токму овој период компанијата го искористи за развој на нови производи и за примена на иновативни проекти, како што е првото хидрогенско, целосно еколошко возило за чистење улици, кое претставува континуитет на веќе започнатите проекти, кои опфаќаат и електрични возила за чистење улици, со што гамата на возила се зголемува на вкупно 9, претставувајќи директна конкуренција за светските производители на возила наменети за чистење.