Сирискиот министер за надворешни работи во прва официјална посета на Иран

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф го прими сирискиот колега Фајсал Мекдад во Техеран. Ова е прва официјална посета на новиот сириски министер за надворешни работи во странство.

Министерството за надворешни работи на Иран соопшти дека двајцата разговарале за „билатерални, регионални и меѓународни прашања, како и за заедничката борба против тероризмот”.

Зариф ја истакна потребата од консултации меѓу Иран и Сирија за развојот и условите во регионот.

Мекдад пристигна во Техеран синоќа и се очекува да се состане со иранските највисоки претставници во наредните денови.

Тој го наследи Валид Муалем на 22 ноември, откако долгогодишниот дипломат почина неколку дена порано.

Иран е еден од најголемите сојузници на сирискиот претседател Башар ал Асад за време на војната,  во која од 2011 година досега загинаа 380.000 луѓе. 

Треба да знаете
Последни објави