Владата на денешната 26-та седница ги усвои измените и дополнувањата на Програмата за задолжителна имунизација на населението во Република Северна Македонија за 2020 година, со што се потврдува намерата на Министерството за здравство за учеството во COVAX Facility за набавка на 833.000 дози на вакцини за КОВИД-19.
Како што соопшти владината прес-служба, Програмата ќе се реализира во рамките на одобрените средства во висина од 487.900.000 денари, од кои 69.722.000 денари се предвидени за авансно плаќање на вакцините против КОВИД-19.
Министерството за здравство претходно соопшти дека со измена на Програмата за вакцинација сме чекор поблиску до обезбедување на вакцините за Ковид-19 преку Ковакс-механизмот.
– Програмата предвидува измени во делот за финансиски средства, како една од обрвските преземени со договорот со ГАВИ за влез во Ковакс-механизмот. Средствата се веќе обезбедени со последниот ребаланс на буџетот. Преку Ковакс-механизмот ќе се обезбедат 833.000 вакцини – дози за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација, информираше попладнево Министерството за здравство..
Вакцините во земјава ќе стигнуваат согласно со планот за дистрибуција кој ќе го одреди Ковакс, Испораката ќе биде истовремено во сите 127 земји, како и во земјите од регионот – Црна Гора, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и дел од Србија.
Првата испорака на вакцини се очекува во првите месеци од 2021 година, соопшти Министерството за здравство.