Димитров: Не остапуваме од европеизација, ниту од правото на самоопределување

За жал, најверојатно, оваа недела нема да има пробив за ние, како Македонци кои зборуваат македонски јазик, да почнеме пристапен процес што ќе ни ја европеизира нашата држава., рече вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. Во гостување на ТВ Сител, Димитров рече дека очекува оти ЕУ ќе најде сили сите земји членки да ги убеди да бидат на линија на вредностите на ЕУ.

-Земјите членки подджуваат и добивме зелено светло во март за почеток на пристапни преговори, а во прашање е и вкупната политика кон Балканот. Нема подрастичен случај од македонскиот, затоа што имавме билатерални прашања, чекавме нова методологија врз која ќе се разработи преговарачка рамка, а  сега имаме и ваков предизвик – рече Димитров.

Според него, апелот на еврокомесарот Оливер Вархеи дека треба да излеземе во пресрет на очекувањата од Бугарија е асиметричен повик за прашање надвор од Копенхашките критериуми.

-Македонскиот јазик е во срцето на нашиот суверенитет, нашето изразување како македонски народ е наша работа. За едно вакво прашање мислам дека во најмала рака повикот требаше да биде упатен кон двете земји, и кон земјата членка. Оваа битка не е само македонска, туку е и европска битка – порача Димитров.

Вицепремиерот истакна дека за македонскиот идентитет ниту оваа, ниту некоја идна влада ќе може да преговара, зашто идентитетот, според него, е внатрешна работа резултат на историски процес а не на политичка одлука.

Треба да знаете
Последни објави