Генералното собрание на ОН донесе резолуција со која се бара Русија да престане со привремената окупација на Крим што е можно поскоро. Русија го присвои украинскиот полуостров во 2014 година.
Резолуцијата, која се однесува на милитаризацијата на Крим, Севастопол и делови на Црното и Азовското море, беше усвоена синоќа со 63 земји кои гласаа „за“, 17 „против“, додека 62 земји беа воздржани.
Текстот не е обврзувачки, но има политичка тежина. Тој беше предложен од 40 држави, вклучително и европски земји (Велика Британија, Франција, Германија, балтичките земји и други), како и САД, Австралија, Канада и Турција.
Резолуцијата ја повикува Русија како окупаторска сила веднаш, целосно и безусловно да ги повлече своите воени сили од Крим и да ја прекине привремената окупација на украинската територија.
Од Москва се бара веднаш да запре натамошната дестабилизација на Крим со пренесување на развиени системи на оружје, авиони и ракети со нуклеарен капацитет, муниција и воен персонал на територијата на Украина.
Повеќе од 13.000 луѓе загинаа во судирите меѓу проруските борци и украинските трупи од 2014 година, кога Русија го презема Крим, а проруските сили во источна Украина се побунија против Киев.