Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски преку Фејсбук реагираше на денешната изјава на претседателот Стево Пендаровски, кој информираше дека на средбата на која се одлучувало дека на Македонија не и е потребно да стане членка на ЕЗЗ, присуствувал и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој реагира дека тогаш како пратеник ниту официјално, ниту неофицијално не бил информиран за ваквата одлука.
-Господине Претседател Пендаровски, утринава бев првиот кој реагираше на Вашата изјава од вчера. Многу колеги, пријатели и новинари ми се јавија со неверување дека сте изјавиле нешто такво вчера, а уште повеќе дека сте направиле таква постапка. Луѓето мислеа дека сте направиле лапсус. За жал, со вашиот денешен статус, го потврдивте мојот сомнеж. Претседателе Пендаровски, сте направиле катастрофа! Ова е стратешка грешка! Каков е тој “државен став” за кој не е и не бил информиран највисокиот државен орган Собранието на Република Македонија.
Лидерска средба не е средба на која се носат одлуки! Не постои во Устав како институт!
Одлуки од ваков тип носи само Собранието на Република Македонија!
Никој друг! Информирањето на Собранието се спроведува по официјален тек и ред, писмено, до Претседателот на Собранието, па тој до сите пратеници. Доколку материјалот имал некаква назнака за тајност, материјалот ќе го добиле само пратениците кои имавме сертификат за тајност.
Два месеци после вашата лидерска средба, на која сте изградиле “државен став” (а сте немале право) Вие Претседателе имавте обраќање пред Собранието. Требаше тогаш да не информирате. Не кажавте ни збор.Јас бев пратеник, никој мене не ми кажал ваква информација, ни официјално, ниту неофицијално. А вие, заедно со Претседателот на Собранието и на Владата, и министрите за надворешни работи и европски прашања, сте имале формална обврска. Сте одземале уставна надлежност од Собранието за одлучување. А не сте смееле! Ниту вие, ниту било кој друг. Како терате членство во Мал Шенген, како алтернативна асоцијација, а за ЕЕЗ сте биле против? Како сте можеле да мислите дека економската интеграција ќе ја загрози политичката? Тоа нема логика. Не помисливте ли дека граѓаните ќе добијат тоа што очекуваат, без никој да не уценува, да ни ја менува историјата и да не прекрстува? И најбитно, со таа ваша одлука, сте ги загрозиле економските, социјалните, образовните, бизнис и развојни потреби и интереси.
Ова е катастрофа! На Македонија и треба ум и сила, напиша Димовски на фејсбук.