Шест лица починаа при тестирањето на вакцината, изработена од американската компанија „Фајзер” и германскиот „БиоНТек”, се наведува во документот објавен на веб-страницата на американската Администрација за храна и лекови (ФДА).
– Има шест смртни случаи во текот на извештајниот период (двајца починати во вакцинираната група и четворица во плацебо групата), се вели во документот.
Потврдено е дека во групата, која примила вакцина, еден учесник со атеросклероза и вишок на килограми починал три дена по првата доза на лекот, а друг учесник доживеал срцев удар 60 дена по втората доза и починал три дена подоцна.
Во плацебо групата, две лица починале од мозочен и срцев удар, а причината за смртта на уште двајца учесници не е утврдена. Половина од смртните случаи во сите групи биле на над 55-годишна возраст.
Администрацијата за храна и лекови (ФДА) закажа состанок за 10 декември за одобрување на вакцината произведена од Фајзер и БиоНТек. Компаниите аплицираа за одобрување на 20 ноември.
Претходно беше соопштено дека американските власти очекуваат да започнат со вакцинација на своите граѓани против коронавирус на 11 или 12 декември.