За начинот на кој оваа година ќе се слави Божиќ во Грција, телефонски разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и поглаварот на грчката православна црква, архиепископот Јеронимос. Од кабинетот на Мицотакис соопштуваат дека за време на разговорот станало збор „за текот на пандемијата во земјата и за начинот на кој ќе се прослави Божиќ во овогодинешните посебни услови” и додаваат дека во следните денови ќе има и официјални соопштенија.
Телефонскиот разговор го најави портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на брифингот со новинарите во понеделникот, а се очекува до крајот на неделава, да бидат соопштени и одлуките за работата на црквите, фризерските салони и продавниците за малопродажба што се затворени поради карантинот.