Нова платформа bezkorupcija.mk за обука на бизнисот – како да препознае корупција

По повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата, сите бизниси денеска може да се вклучат на новоформираната онјалн платформа bezkorupcija.mk, да ги споделат искуствата и да добијат експертска поддршка. Како што информираат од организацијата „Конект”, бизнисите во земјава прв пат имаат можност да посетуваат специјализрани обуки за препознавање и справување со корупцијата, воспоставување програми и практики за нејзино спречување, усогласеност со регулативите и етичко управување.

– Kреираме заедница на компании кои што сакаат да водат бизнис без корупција, за коишто поткупот и другите нејзини форми, не се прифатлив трошок и сметаат дека тоа може да се постигне во нашата земја. По примерот на добрата европска и светска пракса развивме платформа за бизнис интегритет, која што се состои од обуки, алатки за самопроценка, советување и консултации за компаниите. Така тие, може да ги унапредат своите практики и процедури, да споделуваат искуства, а отворени се и можности за сертификација на програмите на компаниите за спречување на корупцијата, вели Никица Кусиникова, извршна директорка на „Конект”, организација која е партнер на Центарот за граѓански комуникации во рамките на проектот, финасиран од ЕУ, „Интегритет и антикорупција во бизнис секторот ”

Според Виктор Мирчевски, програмски раководител во „Конект”, осознавањето дека и други компании во нашата земја се соочиле со слични предизвици и спровеле мерки кои што функционираат во пракса ги мотивира компаниите да ги подобрат своите политики и процедури, и можеби што е уште поважно им дава надеж дека тоа е можно и во нашето опкружување.

– Затоа, покрај најдобра светска пракса што им е достапна на компаниите на платформата, развиваме и локални ресурси. Досега повеќе од 180 претставници од македонските бизниси ги завршија обуките и се стекнааа со можноста да користат дополнителна поддршка преку www.bezkorupcija.mk, нагласува Мирчевски.

Следната обука е закажана за 17-ти и 18 декември. „Конект” ги повикува компаниите да се приклучат на иницијативата и да го пријават својот интерес на konekt@konekt.org.mk.

Треба да знаете
Последни објави